Фауна

Фауна на без`рбетници

 

Постојните податоци за без`рбетниците главно се однесуваат на видовите од Преспанското Езеро, додека податоците за копнените видови, особено од класата инсекти, како што се пеперутките, тврдокрилците, опнокрилците и други, се oскудни или отсуствуваат. Богатата фауна на Преспанското Езеро се одликува со присуство на голем број локални ендемити – видови кои се присутни само во езерото, вклучително и делот кој се наоѓа во границите на ПП Езерани. Од сунѓерите (тип Porifera) во Преспанско Езеро се познати три видови, од кои еден е ендемичен – преспански сунѓер (Spongilla prespensis). Бидејќи овој вид бара каменито и чакалесто дно, во ПП Езерани овој вид има ограничено распространување. Од сплесканите црви (тип Plathelminthes) присутни се ендемичните видови Dendrocoelum prespense (ред Tricladida, подтип Turbellaria) и Dendrocoelum adenodactylosum (кој е регистриран и во Охридското Езеро). Меѓу мекотелите (тип Mollusca) се среќаваат 10 ендемични водни полжави и ендемичната школка Pisidium maassani. Од прстенестите црви (тип Annelida), видот Potamothrix prespensis (класа Oligochaeta) е ендемичен за Преспанското Езеро, додека видовите Psammoryctides ochridanus, Spirosperma tenuis и Stylodrilus leucocephalus ги има и во  Охридското Езеро.

Членконогите (тип Arthropoda) се најмногубројната и најпроучена група без’рбетни животни во Преспанското Езеро. Од нижите ракови во Преспанското Езеро се среќава ендемичното ракче Ochridacyclops arndti prespensis (ред Cyclopoida, подкласа Copepoda, присутно и во Охридското Езеро), како и ракчињата Candona marginatoides и Candona paionica minor (класа Ostracoda). Во оваа група спаѓаат и ракчињата Paralymnocythere karamani и Leptocythere prespensis кои го населуваат и Охридското Езеро. Во класата виши ракови се среќава ендемичното ракче Gammarus triacanthus prepsensis (ред Amphipoda, класа Malacostraca).

Директивата за живеалишта вклучува 3 видови во листата на Прилог IV, а следните видови се наведени во Прилог II: големиот бакарец (Lycaena dispar) и самовилските коњчиња Coenagrion ornatum и Leucorrhinia pectoralis.

 

Фауна на `рбетници

 

Риби во Преспа

Во Преспанските Езера денес се среќаваат деветнаесет видови риби. Единаесет од нив се автохтони со девет ендемити, додека останатите 12 се неавтохтони, т.е. воведени од страна на човекот. Во втората половина на дваесетиот век беа евидентирани дополнителни пет неавтохтони видови, но тие повеќе не се среќаваат во Преспа. Денес најбројна со видови е фамилијата на крапови (Cyprinidae). Другите видови на риби припаѓаат на следните фамилии:

Salmonidae – пастрмки (1)

Cobitidae – штипалки (1)

Anguillidae – јагули (1)

Туѓите (воведени) видови во езерата припаѓаат на следните фамилии:

Siluridae – сомови (1)

Poecilidae – живоротки (1)

Centhrachidae – перкии (1)

Користените нaучни имиња на видовите се според Kottelat&Freyhoff (2007).

 

Херпетофауна (водоземци и влечуги)

Во рамките на ПП Езерани утврдено е присуство на вкупно 23 видови (9 водоземци и 14 влечуги), што претставува речиси 50 % од македонската херпетофауна. Од водоземците (класа Amphibia), македонскиот мрморец (Triturus macedonicus), балканскиот мал мрморец (Lissotriton vulgaris) и жолтиот мукач (Bombina variegata scabra) се балкански ендемити. Од влечугите (класа Reptilia) балкански ендемити се ридската желка (Eurotestudo hermanni boettgeri), степската гуштерица (Podarcis tauricus), македонската гуштерица (Podarcis erhardii) и големиот зелен гуштер (Laserta trilineata). Директивата за живеалишта вклучува 6 видови водоземци од Прилог IV, додека македонскиот мрморец и жолтиот мукач, се наведени и во Прилог II. Од влечугите 12 видови се вклучени во Прилог IV од Директивата за живеалишта, додека ридската желка (Eurotestudo hermanni boettgeri), блатната желка (Emys orbicularis) и ждрепката (Elaphe quaturolineata) се наведени и во Прилог II.

 

Птиците во Преспа

Во Македонскиот дел од Преспанско Езеро регистрирани се 216 видови птици (класа Aves), што претставува 42 % од вкупниот број птици регистрирани во Европа. За околу 100-на видови постојат конкретни податоци за присуство во ПП Езерани. Меѓу нив се вбројуваат и 4 видови кои имаат статус на засегнат вид на глобално ниво (EN, VU), вклучително и кадроглавиот пеликан (Pelecanus crispus). Голем број од птиците во Преспа се наведени во листите на Директивата за птици на ЕУ: 68 видови во Прилог I, додека  3 се вклучени во Прилог II.

 

Цицачите во ПП Езерани

Во рамките на ПП Езерани потврдено е или се претпоставува присуство на 31 видови цицачи (класа Mammalia), што претставува 38 % од вкупниот број цицачи регистрирани во Р.С. Македонија. Балканската кртица (Talpa stankovici) е балкански ендемит и освен во Македонија се среќава и во Грција, Србија и Црна Гора. Македонскиот глушец (Mus macedonicus) исто така има ограничено распространување и се среќава во јужниот дел од Балканскиот Полуостров, Средниот Исток, Кавказ и Мала Азија.

Вкупно 5 видови цицачи од ПП Езерани се заштитени со Законот за заштита на природата, од кои видрата (Lutra lutra) и кафеавата мечка (Ursus arctos) имаат статус на строго заштитен див вид. Директивата за зачувување на природните живеалишта на дивата фауна и флора на Европската Унија (скратено: ДЖ) обезбедува заштита на вкупно 12 вида од цицачи кои се среќаваат во ПП Езерани. За 8 од нив клучните живеалиштата се прогласуваат како заштитени подрачја од еколошката мрежа Натура 2000 (видови од Прилог II): бласиев потковичар (Rhinolophus blasii), јужен потковичар (Rhinolophus euryale), голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum), мал потковичар (Rhinolophus hipposideros), остроушест ноќник (Myotis blythii), долгокрилест лилјак (Miniopterus schreibersii), кафеава мечка и видра.