Преспанска пастрмка
Етимологија
Името на родот Salmo е од латинско потекло и значи скока, отскокнува. Латинското име peristericus го опишува подрачјето на планината Пелистер во чиишто проточни води е населен овој вид.
Опис
Тоа е ендемичен вид на зракоперна риба од семејството пастрмки –Salmonidae. Преспанската пастрмка, која уште е позната и под името Пелистерска пастрмка, е мал салмониден вид кој многу ретко надминува должина од 35 cm и 350 gr тежина. Од другите балкански видови на пастрмка се разликува по тоа што има мали црни точки на оперкулумот и мали црни точки на горната третина од страничниот дел на телото. Црвените точки се расфрлани по целиот страничен дел од телото, а обојувањето може да им варира од портокалова до темно виолетова боја. Бројот на жабрени лаци се движи од 16 до 18. Иако е тешко воочливо, овој вид се разликува од другите негови сродници на Балканскиот полуостров по следните карактеристики: мали црни точки на оперкулумот и горната третина на страните од телото, неправилно расфрлани црвени точки по целата страна на телото, ширината на телото 19-23% SL; 16-18 жабрени лаци, преаналната должина изнесува 72-75% SL.
Распространување
Идентификувани се четири популации во околните притоки на големото езеро и тоа: Брајчинска, Кранска и Лева Река, какои во реката Герман (Агиос Германос).
Биологија
Се среќава во потоците (реките) и помалку во големото езеро. Се претпоставува дека видот првично ги населувал езерата, а во реките навлегувал за мрестење по што се враќал назад. Промените на живеалиштата и искористувањето на водите ја прекинале врската помеѓу реките и езерото во долните текови, па затоа распространувањето на видот денес е ограничено на горните текови од притоките. Претежно се мрести во периодот ноември – декември.
Значајност за рибарството
Ниска значајност, претежно за рекреативен риболов. Се лови и нелегално.
Закани
Главни закани за овој вид претставуваат малиот носечки капацитет на реките (достапност на храна), зголемените количини на речен седимент (отежнето размножување и слабо обновување на популацијата), намалувањето на популациите преку директно отстранување на индивидуални единки, изменет хидролошки режим како резултат на користење на речната вода, изградба на мали хидроцентрали (брани) и др. Присутен е исто така нелегален риболов.
Мерки за зачувување
Изработка на акционен план за зачувување на видот; можно вештачко мрестење за порибување.