Парк на природа Езерани

Паркот на природа Езерани (Категорија IV, според   IUCN со вкупна површина од 1917 хектари) го опфаќа северниот крајбрежен дел на Преспансото Езеро заедно со дел од блатните екосистеми во непосредна близина на брегот (вообичаено скратено нарекуван „Езерани“, според селото чиј атар зазема голем дел од подрачјето), како дел од Преспанското Езеро,  е значајно подрачје во национални рамки, регионални, но исто така во европски и светски контекст. Езерани е прогласено за Строг природен резерват (СПР) во 1996 година од страна на Собранието на Република Македонија со Законот за прогласување на орнитолошкиот локалитетот Езерани на Преспанското Езеро за строг природен резерват (“Службен весник на РМ„ број 37/96). Подрачјето повторно е прогласено со Законот за прогласување на локалитетот Езерани на Преспанското Езеро за Парк на природата на ден 17.02.2012 година, а во согласност со Законот за заштита на природата.

 

Со ПП Езерани, согласно Законот за прогласување, управува Општина Ресен.

 

Богатиот и релативно добро зачуван биодиверзитет на ПП Езерани, особено во контекст на целото Преспанско Езеро, поседува карактеристики значајни на светско, европско и регионално ниво. Тоа се огледа во специјалниот статус што го ужива Преспанското Езеро (заедно со Малото Преспанско Езеро во соседните замји – Грција и Албанија) прикажан преку неговото назначување како значајно подрачје на различни меѓународни листи.

 

ПП Езерани претставува рамсарско подрачје како дел од Преспанското Езеро кое е прогласено за Рамсарско подрачје од меѓународно значење (Ramsar Site of International Importance) код 3МК001. Секоја земја што ја има ратификувано Рамсарската конвенција има должност да назначи најмалку едно водно/блатно жиеалиште кое ќе биде вклучено во Листата на влажни живеалишта од меѓународно значење – Светската рамсарска листа, согласно критериумите на Рамсарската конвенција.

 

ПП Езерани претставува дел од Значајното подрачје за птици (ППП) „Преспанско Езеро“ MK006 (Important Bird Area – IBA, според светски прифатениот систем на Birdlife International).

 

ПП Езерани исто така претставува дел од Значајното растително подрачје (ЗРП) „Преспанско Езеро“ (Important Plant Area – IPA, според светски прифатениот систем на Plantlfe International).

Според најновите трендови за валоризација на подрачјата значајни за биодиверизтетот и според методологијата предложена од IUCN, Преспа (во тој контекст и локалитетот Езерани) претставува и Клучно подрачје за биодиверзитет во светски рамки (Key Biodiversity Area – KBA).

 

ПП Езерани е идентификуван како Емералд подрачје и е вклучен во националната Емералд мрежа (МЖСПП 2009) во границите на поранешниот Строг природен резерват „Езерани“, освен тоа, зафаќа и дел од Емералд подрачјето „Преспанско Езеро“.

 

Значењето на ПП Езерани е многу големо и на регионален план. Имено, ПП Езерани значително придонесува за вредноста на целиот преспански регион од аспект на биодиверзитетот. Таа вредност е признаена од трите држави што ја делат Преспа како резултат на што во 2000 година е потпишан меморандум од страна на премиерите на Албанија, Грција и Македонија за формирање на прекуграничниот парк Преспа кој ги зафаќа двете природни Преспански езера (Големо и Мало Преспанско Езеро)  заедно со нивното сливно подрачје.