Заштити ги подрачјата

Споменик на природа Преспанско езеро

Преспанското Езеро се протега во неговиот прекуграничен слив и припаѓа административно на општина Ресен е заштитено подрачје во четврта категорија Споменик на Природа. Прогласувањето го опфаќа делот од езерото што припаѓа на Република Северна Македонија поради неговите природни убавини, геоморфолошки, хидролошки, хидробиолошки и други научни вредности. Првата заштита на Преспанското Езеро беше обезбедена со Законот за заштита на Дојранското, Охридското и Преспанското Езеро од 1977 година. За управување со Преспанското Езеро е надлежна Општина Ресен, а управувањето го спроведува Секторот за животна средина на Општината. 

Подрачјето на СП Преспанско Езеро на север се граничи со паркот на природата Езерани кој во категоријата парк на природата е прогласен во 2012 година (категорија IV според IUCN) со површина од 1917 хектари. Претходно подрачјето било прогласено за Орнитолошки локалитет Езерани – строг природен резерват Езерани (Категорија 1а според IUCN) во 1996 година (Службен весник на РМ бр. 37/96). На западната страна подрачјето се граничи со Националниот парк Галичица (Службен весник на Република Македонија бр. 31/58). Островот Голем Град во Преспанското Езеро му припаѓа на Националниот парк Галичица. Во прекуграничен контекст подрачјето се граничи со Националниот парк Преспа во Албанија на запад и Националниот парк Преспа во Грција на југ којшто припаѓа на мрежата Натура 2000 (GR 134000). 

Преспанско Езеро како водна граница започнува од тромеѓата меѓу Република Северна Македонија, Република Грција и Република Албанија југозападно од островот Голем Град од каде што се протега на исток во напореднички правец по граничната линија со Република Грција и избива на југозападните падини на Пелистер кај месноста Маркова Нога. Одовде границата има меридијански правец на протегање и води по брегот на Преспанското Езеро сé до селото Асамати, при што го опфаќа и појасот со трска. Од селото Асамати границата води низ водите на Преспанското Езеро – изобата од 10 m и избива на брегот на Преспанското Езеро на кота од 851,2 m, јужно од месноста Миовица. Оттука границата продолжува да води повторно по брегот на Преспанското Езеро кон одморалиштето Отешево. Одовде границата води во југозападен правец по брегот на Преспанското Езеро кон одморалиштето во Царина од каде што свртува на југоисток, минува покрај крајбрежјето на Стење, потоа води по бреговата линија на северните падини на Пречна Планина до селото Коњско од каде што продолжува да води во јужен правец се до котата од 866 m кај граничниот столб Ø20 на југоисточните падини на Пречна. Оттука границата се движи на југ по воден пат по граничната линија со Република Албанија и завршува на почетната точка на тромеѓата меѓу Македонија, Грција и Албанија.