Заштити ги подрачјата / Остров Голем Град

Остров Голем Град

Островот Голем Град е еден од трите острови во водите на Преспанското Езеро, но единствен во границите на Р. Македонија.

Локалитетот е значаен и специфичен не само по местоположбата , туку и по своите културно-историски и природни вредности и карактеристики.  Целиот остров претставува своевиден археолошки локалитет, како од римското време, така и од поновото. На островот се сместени три цркви од периодот на раното христијанство, кои се едни од најстарите на Балканот. Најзачувана и реставрирана е црквата Св. Петар, која датира од 14-ти век. Освен сочуваната црква Св. Петар  и средновековната црква Св. Димитрија, постои и ранохристијанска  базилика од крајот на IV и почетокот на V век, каде се откриени остатоци од поден мозаик.

Фауната на овој локалитет ја сочинуваат ретки и ендемични видови птици (корморан, сива чапја) и водени змии, додека пак флората се карактеризира со присуство на фојата, кое освен во Преспа го има на Кавказ, Ирак, Либан и Мала Азија. 

Островот е долг 750 m, а широк 450 m, со највисок дел 50 m над езерото. Од сите страни островот е заобиколен со карпи и клифови со височина 20 до 30 метра. Заштитен е со Закон и е дел од НП Галичица. 

Природната местоположба, убавината, природната клима и изолираноста придонеле да вистинските вредности на островот да останат недопрени со векови. 

За посета на Голем Град потребна е дозвола од НП Галичица, кој управува со ова заштитено подрачје. Превозот се врши со приватни чамци од индивидуални лица, кои живеат во с. Стење, с. Коњско, с. Долно Дупени и с.Претор. За најбрзо да пристигнете до Голем Град, препорачливо е да најмите чамец во с. Стење (60-70 минути со чамец) или во с. Коњско (20-30 минути со чамец), кои се најблиските населени места до островот.  Лиценциран чамец со овластен возач поседува и хотелот Lakeview. Тој организира и тури до островот Голем Град со катамаран со капацитет од 12 лица. Најпогодно време за посета од годината е пролет и лето и се препорачува турите да се организираат претпладне, во раните утрински часови, кога езерото е најмирно.    ,,LAKEVIEW,, Отешево  - контакт: 072/ 706 549 - www.lakeviewotesevo.com

НП Галичица – Контакт: 075/ 282 207