Coenagrion ornatum
Самовилското коњче
Coenagrion ornatum припаѓа кон фамилијата теснокрилни или блатни самовилски коњчиња (
Coenagrionidae, класа Insecta). Родот Coenagrion опфаќа 42 видови од кои во Европа се среќаваат 13 видови, додека во Р.С. Македонија се забележани 4 вида. Вкупната должина на телото кај овој вид изнесува 30÷31 [mm] од кои 20÷27 [mm] отпаѓаат на абдоменот, а задните крила се со должина од 18÷20 [mm]. Широчината на главата кај ова вилинско коњче е двојно поголема од должината. Крилцата се провидни, а птеростигмата (клетка на надворешното крило) е речиси правилно ромбоидна, тесна и еднобојна (темно кафеава). По страните на абдоменот отсуствуваат ленти, додека долната страна на градите не е црна. Нозете се црни или темно сиви. Кај машките единки задниот раб од пронотумот (цврст штит кој лежи зад главата и го заштитува од горната страна првиот дел на вратот и градите) има три речиси идентични израстоци. Очите и целиот преден дел на главата се светлосини или сини. На вториот абдоминален сегмент црното петно има форма на буквата “U”, додека петната на следните сегменти се во форма на шило. Долната (дорзална) страна на 10-от абдоминален сегмент е светло син со црни петна. Женките се синкасти или зелено-жолтеникави со црни ленти. Кај нив задниот раб од пронотумот е длабоко насечен, додека абдоменот е значително задебелен. Од женките на другите видови од родот се разликува по помалиот број на црни петна на абдоменот, додека сино зелените петна покриваат речиси половина од секој од сегментите. Овој вид лета во периодот од почетокот на мај до средината на август.
Coenagrion ornatum најчесто се среќава во проточни води богати со карбонати, особено мали отворени реки и потоци или канали со водна и флотантна вегетација. Овој вид е редок во западна, северозападна и централна Европа, а позначајни популации се среќаваат во источна и југоисточна Европа, како и во Мала Азија и Кавказ. Покрај во ПП Езерани, овој вид во Р.С. Македонија е регистриран и во канал во близината на селото Ржаничино, на вливот на Зрновска Река во река Брегалница како и на вливот на река Злетовица во Брегалница, потоа во националните паркови Маврово и Галичица (локва Џафа и Стењско Блато) и на неколку други локалитети. Се наведува во Прилог II од Директивата за живеалишта, додека во Р.С. Македонија има статус на заштитен див вид.