Мал потковичар
Малиот потковичар (Rhinolophus hipposideros) припаѓа кон фамилијата лилјаци потковичари (Rhinolophidae). Тоа е најмалиот од 4 видови лилјаци од родот Rhinolophus кои се среќаваат во Европа (во светот се опишани и до 70 видови во овој род). Малиот потковичар тежи само 4÷7 грама, а подлактницата е долга од 36 до 40 [mm]. Во Европа се среќава од Ирска до Романија и од Иберискиот Полуостров до Грција. Неговите популации се најгусти и најбројни во јужниот дел од Европа што укажува на тоа дека претпочита топли подрачја. Денес распространувањето на малиот потковичар е тесно поврзано во човековите активности. Типично се среќава во подрачја со екстензивно земјоделство и мозаичен предел со добро поврзани линеарни елементи на пределот, како што се живи огради и дрвореди, рабови на шума и крајбрежна вегетација. За одмор ги користи традиционалните градби, додека се исхранува во околните шуми, пасишта и земјоделско земјиште кое се користи на традиционален начин. Малиот потковичар образува мајчински колонии најчесто на надморски висини до 1 200 [m], но во лето овој вид може да се сретне и на 2 000 [m] надморска висина. Се работи за седентарно животно кое целиот свој животен циклус го поминува на територија од 10÷20 [km2]. Најчесто хибернира во подземни структури, природни или изградени од човекот. Во текот на летото ги избира најтоплите места на подрачјето. Во текот на летото и есента се одмара во рудници, стари или напуштени куќи со традиционална градба, плевни, цркви, поткрорвја, оџаци и слично, но и во природни процепи, поткопини, пештери и дрвја. Мајчинските колонии начесто се наоѓаат по кровови или други топли делови од куќи каде нема промаја. Преферира локации кои се во близина на локви, бари или потоци. Мајчинските колонии обично бројат од 10 до 150 женки со своите млади. Го толерираат човековото присуство доколку нема директно вознемирување.
Модерниот начин на живот во Европа доведува до намалување на популациите на малиот потковичар во западна и северна Европа и до локално истребување во некои држави. Така на пример, се проценува дека во Германија има вкупно 2 000 единки, додека во Белгија само во 200. Од друга страна, само во една стара куќа во Преспа се избројани до 200 единки. Присуството на овој вид е потврдено со теренски истражувања покрај брегот на Преспанско Езеро, кај селото Асамати на самата граница на Паркот на Природата Езерани. Малиот потковичар се наведува во прилозите II и IV од Директивата за живеалишта и Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на заштитен див вид.
Покрај малиот потковичар, во Преспа се регистрирани и другите три видови од родот кои се присутни во Европа: голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum), јужен потковичар (Rhinolophus euryale) и бласиев потковичар (Rhinolophus blasii).