Преспански клен
Етимологија
Името на родот Squalius доаѓа од латинскиот збор squaleo, squalidus што означува груба, рапава кожа. Латинското име prespensis го опишува подрачјето во кое се среќава видот.
Опис
Станува зборза ендемичен вид на зракоперна риба од семејството на крапови –Cyprinidae. Од другите негови сродници кои се среќаваат на Балканскиот Полуостров се разликува по следните карактеристики: должината на главата е 1.2-1.3 пати поголема од широчината, 27-31% SL; устата е терминало поставена, а дијаметарот на очите е 17-20% HL; лушпите на страничната линија се 41-44 + 2, а широчината на телото е 21-24% SL; грбната перка е со 8½ разгранети зраци, а аналната перка со 8-9½ разгранети зраци; крајниот раб на аналната перка е испакнат, а растојанието помеѓу завршетокот на првите и последните разгранети анални зраци (со перката растегната) е 1.2-1.3 пати од широчината на опашното стебло; има сивкасти до црни перки. Максималната должина може да достигне 800 mm.
Распространување
Европа: Сливот на Преспанските Езера. Езерски вид кој се среќава долж езерското крајбрежје и во потоците.
Биологија
Мажјаците ја достигнуваат половата зрелост во втората, а најчесто во третата година, додека кај женките тоа се случува една година подоцна. Плодноста кај женките е висока, при што се создаваат помеѓу 100 000 и 200 000 мали икри. Ембрионот во икрите се развива за околу една недела. Преспанскиот клен е добро адаптиран на промените на темературата, така што може да се сретне во ладните води на притоките и езерата. Се храни со скоро секаков тип на храна (растителна и животинска), вклучувајќи и инсекти и ларви, црви, ракчиња, мекотели, икри од риби, други риби, жаби и останати организми. Повозрасните единки се поголеми предатори. Видот се мрести во периодот од април до јуни, на каменести супстрати.
Значајност за рибарството
Мала. Интересен вид за рекреативен риболов.
Закани
Се смета дека инвазивните видови не претставуваат закана за кленот.
Мерки за зачувување
Иако ареалот на распространување на овој вид е релативно ограничен, сепак тој се среќава во изобилство, а неговите популации се зголемуваат во последниве десет години.