Амурче
Опис
Амурчето претставува воведен (алохтон) вид кој припаѓа на фамилијата на крапови – Cyprinidae. Во Преспанските Езера е воведен во седумдесетите години од минатиот век. Има издолжено тело, благо сплескано по страните, исто како на видовите од родот Gobio. Има максимална големина од 110 mm, иако најголемиот број на индивидуи имаат должина од 80 – 90 mm и тежина од 17,1-19,2 gr. Живее од 3 до 4 години. Главата е сплескана во нејзиниот почетен крај. Устата е јасно поставена во горна позиција. Грбната и аналната перка се кратки. Опашната перка е долга и длабоко засечена, при што двата дела имаат иста големина. Стомачните перки се лоцирани благо напред кон дорзалната перка. Грлото е покриено со лушпи. Латералната линија е целосна и се движи кон стредината на лушпите. Лушпите се големи и циклоидни. Бројот на лушпи во латералната линија изнесува (34) 35-38 (39). Обојувањето е слично и кај двата пола, со сив грб, светли страни и стомак, преминувајќи од жолто – зелено кон сребренкасто. Младите единки имаат темна линија по страните, која исчезнува со стареењето. Во каудалниот дел на лушпите пигментот формира карактеристични месечеволики точки. Перките се бледи, лесно жолти, а само на дорзалната перка постои потемна линија која косо се враќа назад.
Биологија
Овој вид е зоопланктиворна риба која се среќава во широк опсег на живеалишта, а најмногу во мали канали, бари и езера со добра вегетација. Возрасните единки се среќаваат во ладни проточни води. Се храни со мали инсекти, риби и икри од риби, растителен материјал, а вообичаено се мрести во живеалишта со мирна или слабо проточна вода. Се смета за штетник кој е во конкуренција со подмладокот на другите видови поради неговата висока репродуктивна стапка. Половиот диморфизам станува поизразен за време на мрестот. Кај мажјаците на главата се јавуваат мрестечките туберкули (џумки, мали израстоци). Најголема акумулација на остри туберкули има на предниот дел од главата, на челото, во близина на ноздринките, покрај и над окото. Неколку туберкули има и на долната усна. Во тој период мажјаците впечатливо потемнуваат, нивните перки стануваат црни, а оперкулумите се виолетови. Женките стануваат посветли. Индивидуите се мрестат на едногодишна возраст. Кај примероците кои живеат во сливот на Реката Амур во Азија (од каде што и потекнуваат), мрестењето започнува кога температурата ќе достигне 15-190C (мај – август), додека во Европа тоа се случува порано, т.е. во периодот април – јуни. Се создаваат од неколку стотини до неколку илјади икри. Мрестењето е во повеќе легла и се одвива во литоралната зона. Икрите се положуваат на растенија, песок, камења, черупки од мекотели и друг супстрат. Пред да започне мрестот женките внимателно го чистат супстратот за положување на икрата. За време на еден чин тие положуваат неколку десетици икри. Една женка може да се мрести со неколку мажјаци последователно. Мажјаците ги чуваат
икрите се додека не се испилат и агресивно ги бркаат другите поголеми риби.
Распространување.
Потекнува од Азија: Од реката Амур до Бисерната Река (Жујианг) која тече во Сибир, Кореа и Кина. Видот е воведен во различни места во Европа и Азија. Во повеќе земји забележани се негативни еколошки ефекти по воведувњаето на видот. Во Преспанските Езера овој вид е воведен преку порибивање со увезен материјал (подмладок) од крап.
Значајност за рибарството
Нема.
Влијание
Се верува дека има придонесено во намалувањето или дури исчезнувањето на некои автохтони ципринидни риби.
Управување
Материјалот за порибување на рибниците, или отворените води, треба внимателно да се провери, со цел да се осигури дека не е присутен овој инвазивен вид. Исто така, треба да се забрани употреба на амурчето како жива мамка за предаторските видови на риби.