Блатна еја
Блатната еја (Circus aeruginosus) е класифицирана во фамилијата Accipitridae кон која припаѓаат и орлите, луњите и јастребите. Тоа е најголемата еја со должина на телото од 48 до 56 [cm] и распон на крилјата од 115 до 130 [cm]. Возрасните мажјаци се скоро целосно кафеави со црникави краеви на крилјата и синосиви нијанси на опашката, додека главата и градите се обоени жолтеникаво до бело. Возрасните женки се обоени темно кафеаво, освен во пределот на главата, грлото и ременските пердуви на крилјата кои се кремасто-бели. Кај нив често пати се забележува и светло петно на градите. Еднаш во годината (април-јули) женките полагаат 4÷5 јајца на платформа од стебла од трска поставена на водата среде густа трска.
Блатната еја е тесно поврзана со појасите на трска, но при преселба или кога лови може да се сретне и на различни отворени места, особено рамни ливади, пасишта и канали. Се гнезди во плитки езера, реки, мочуришта и бари обраснати со поголеми површини од трска. Се исхранува со мали цицачи, птици, жаби и инсекти.
Блатната еја се гнезди од Европа и северозападна Африка до централна Азија и северните делови од Средниот Исток. Популацијата на оваа птица во Европа учествува со околу 48 % од светската популација и бележи тренд на зголемување. Блатната еја во Р.С. Македонија е постојан жител (станарка), а во ПП Езерани се проценува дека се гнездат неколку парови. Се наведува во Прилог I од Директивата за птици и во Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на строго заштитен див вид.