Кадроглав пеликан
Кадроглавиот пеликан (Pelecanus crispus) припаѓа кон фамилијата пеликани (Pelecanidae). Со распон на крилјата од 270÷320 [cm] кадроглавиот пеликан се вбројува меѓу најголемите птици во светот. И покрај својата големина и тежина, оваа птица е силен летач, способен да се издигне на голема височина. Во сезоната на парење, перјето е сребренобело, со жолтеникаво петно на градите, долната страна на крилјата е светло сива и постепено потемнува кон врвовите. На почетокот од зоната на парење торбата на клунот е портокалово-црвена, а подоцна постанува жолта. Нозете имаат оловно-сива боја, а на задниот дел од главата има бушаво перче. Околу светло обоените очи кожата е гола (без перје) со жолта до виолетова боја. Кадроглавиот пеликан се исхранува со разни видови риба, а дневно лови и до 1 [kg].
Кадроглавиот пеликан формира гнездови колонии во плитки езера и бари. Се гнезди во источна Европа, источна и централна Азија, и тоа во Азербејџан, Албанија, Бугарија, Грција, Иран, Казахстан, Монголија, Романија, Русија, Србија, Туркменистан, Турција, Украина, Узбекистан и Црна Гора. Единките кои се гнездат во Европа презимуваат во земјите на Медитеранот, единките од Русија и централна Азија презимуваат во Иран, Ирак и Индискиот потконтинент, додека единките кои гнездат во Монголија презимуваат вдолж источниот брег на Кина, вклучително и Хонконг. Светската популација на кадроглавиот пеликан претрпела големо намалување во текот на 19-от и 20-от век, за потоа да се стабилизира на 10.000÷20.000 единки, со околу 4.000÷5.000 гнездови парови. Благодарение на активните мерки за заштита, популацијата на кадроглавиот пеликан во Европа бележи пораст во последните неколку децении, особено во колонијата во Преспа, но и во други земји. Од друга страна, останатиот дел од популацијата и понатаму бележи стрмоглав пад и се очекува и натаму да продолжи.
Најголемата гнездова колонија на кадроглавиот пеликан во светот се наоѓа на Малото Преспанско Езеро во Грчкиот дел од Преспа и брои од 1100 до 1400 парови. Во ПП Езерани кадроглавиот пеликан се забележува од крајот на март до крајот на август и тоа во езерскиот дел или пак во повремените локви во внатрешноста. Во ПП Езерани поретко се среќава и белиот пеликан (Pelecanus onocrotalus) кој е нешто помал, има розово-бело перје, површината со гола кожа околу темно обоените очи е поголема и розово обоена, торбата на клунот е жолта, а нозете се розови. Долната страна на крилјата е темно обоена.
Поради големото опаѓање на светската популација овој вид е класифициран како „ранлив„ согласно категориите на загрозеност на Светската унија за зачувување на природата (IUCN). Кадроглавиот пеликан се наведува во Прилог I од Директивата за птици и во Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на строго заштитен див вид.