Фауна / Видра

Видра

Видрата (Lutra lutra) е единствен европски претставник од родот, кој припаѓа кон редот ѕверови (Carnivora). Има цилиндрично тело (65÷85 [cm]), со долга опашката, сплесната дорзовентрално (36÷52 [cm]) и тежина од 7÷15 [kg]. Вратот  е долг, главата е мала и сплесната, додека очите и ушите се мали и округли. Овој вид има кратки екстремитети, а прстите се со кратки канџи и меѓусебно поврзани со пловна кожичка. Видрите се движат поединечно или во групи, останувајќи во вода, иако понекогаш се движат по копно за да стигнат до други водни живеалишта. Активно ловат под вода риби, жаби, ракови, ситни глодари и водни птици, а пленот го консумираат на брегот. Овој вид може да достигне старост и од 20 години.   Видрата е широко распространета во езера, реки, потоци, локви и мочуришта, како и вдолж морските крајбрежја во Европа, Азија и северна Африка. Има статус на Речиси засегнат вид (NT) на глобалната црвена листа на IUCN поради постојаното опаѓање во големината на популацијата во последните 23 години. Од друга страна, во последните години забележано е заздравување на популациите во западна Европа, додека субпопулациите во земјите на поранешниот СССР и во поголем дел од југоисточна Азија се витални. Видрата се наведува во прилозите II и IV од Директивата за живеалишта и Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на строго заштитен див вид.