Фауна / Савиев лилјак

Савиев лилјак

Савиевиот лилјак (Hypsugo savii) припаѓа кон фамилијата глатконосни лилјаци (Vespertilionidae). Се работи за мал лилјак со варијабилно обојување на крзното. Савиевиот лилјак тежи само 5÷9 [g], а подлактницата е долга од 31 до 38 [mm]. За одморалишта најчесто избира пукнатини во карпите при влезовите од пештери и куќи (пукнатини во ѕидови, под ќерамиди). Савиевиот лилјак е еден од најчестите видови во Европа и се среќава од Иберискиот Полуостров преку Грција се до Мала Азија, покривајќи го целиот Медитеран (северна Африка на југ и јужните делови од Швајцарија, Австрија и Унгарија, на север). Се среќава во широк спектар на живеалишта, од морските предели се до 3 000 [m] надморска висина во планините. Преферира карстни подрачја и мозаик од традиционален земјоделски предел и медитерански макии, додека ретко се среќава во густи шуми. Најчесто лови над вода, потоа во алпски и други пасишта, во населени места околу улични светилки, под крошни на дрвја, земјиште со ретка вегетација и вдолж карпести отсеци. Присуството на овој вид е потврдено со теренски истражувања покрај брегот на Преспанско Езеро, кај селото Асамати на самата граница на Паркот на Природата Езерани. Савиевиот лилјак се наведува во Прилог IV од Директивата за живеалишта и Прилог II од Бернската Конвенција.