Фауна / Македонски мрморец

Македонски мрморец

Македонскиот мрморец (Triturus macedonicus) припаѓа кон фамилијата вистински дождовници и мрморци (Salamandridae), од редот на опашести водоземци (Caudata). Родот Triturus опфаќа пет морфотипови, т.е. групи од видови кои се разликуваат по релативните димензии на телото. Македонскиот мрморец припаѓа во групата со видот Triturus carnifex. Македонскиот мрморец има робусна телесна градба. Телото кај женките е долго до 150 [mm], а кај мажјаците е нешто пократко. Машките единки се одликуваат со изразена и назабена гривна која се протега по речиси целата должина на грбната страна од телото (во основата на опашката е речиси прекината). По средината на грбната страна кај женките и младите се забележува тесна жолта лента. По страните на телото се забележуваат бројни бели дамки со средна големина, додека пределот на грлото е обоен црно и жолто и со бројни бели точки, средно големи. Долната страна на телото е жолто до портокалово-жолто обоена, прошарана со бројни темни дамки со неправилна форма. Во сезоната на парење македонскиот мрморец се наоѓа во различни водни живеалишта, додека во другите делови од годината може да се забележи и на копно, но никогаш далеку од вода. Македонскиот мрморец е западнобалкански ендемит и освен во Р.С. Македонија се среќава и во Албанија, Босна и Херцеговина, северозападна Грција, југозападна Бугарија, Црна Гора и Србија. Покрај во ПП Езерани овој вид се среќава и во Националниот парк Галичица, во Националниот парк Пелистер, на планината Јабланица, Националниот парк Маврово и на други локалитети. Македонскиот мрморец се наведува во прилозите II и IV од Директивата за живеалишта и во Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на заштитен див вид. Во ПП Езерани се среќава и релативно почестиот балкански мал мрморец (Lissotriton vulgaris graecus), јужнобалкански ендемит, кој не е толку силно врзан за водни живеалишта, освен во времето на парење и хибернација.