Туристички-локации / Плажа Претор
Плажа Претор
Претор претставува туристичка населба која е 16 километри одалечена од Ресен. Претор се простира покрај брегот на Преспанското езеро и преставува главна туристичка атракција за туристите кои го посетуваат преспанскиот регион. Претор е познат како туристичко место со привлечни плажи, спортски содржини, ресторани, продавници, приватно и хотелско сместување, кафулиња на плажа и место за културни и спортски настани. Иако пред 30 години во Претор постоеле повеќе синдикални одмаралишта, по транзицијата во 90тите години скоро 90% од оваа инфраструктура е напуштена и уништена. Со зголемените инвестиции во последните десетина години, се зголемува бројот на туристи но само на дневен туризам со оглед на фактот дека бројот на сместувачки капацитети е многу мал. Преку летниот период Претор е полн со летувалци кои престојуваат во актуелните сместувачки капацитетит или сопствени викенд куќи, а за викендите голем број на посетители доаѓаат во Претор од Ресен, Битола, Прилеп и другите населени места во регионот. Претор е едно од туристичките места каде застануваат и голем број на кампер туристи кои се на минување или авантуристи кои сакаат да ги истражат природните вредности на заштитените подрачја Преспанско езеро и Езерани, Национален Парк Галичица и Национален Парк Пелистер.
Плажите во Претор започнуваат од селото Асамати кое се наоѓа непосредно на Почетокот на Претор па се до плажите во Сливница. Пешачка патека го поврзува Претор со Сливница и Крани и е одлично место за прошетки и рекреација на посетителите.

