Љубојно

Селото Љубојно се наоѓа во јужниот дел на Општина Ресен на околу 2 км источно од Преспанското Езеро, и од градот Ресен е оддалечено 28 километри. Низ атарот на селото тече Брајчинска река, водоносна, брза и бистра и на која до годините на Илинденското востание работеле 16 воденици. Селските куќи, изградени меѓу двете светски војни, ги краси фино делканиот камен, разнобојните фасади на кои висат пространи балкони. 

Селото за прв пат се споменува во една повелба на Цар Душан од 1337 година кога тој ја подарил селската црква Свети Никола на манастирот Трескавец. Подоцна Љубојно повторно се споменува и во еден запис на Сливничкиот манастир од 1607 година, како поголема македонска населба. 

Во историските извори, ова село е забележано како Љубовино. Тоа се совпаѓа со едно предание според кое имато дошло по првонаселената меанџика Љуба, која точела многу убаво вино. Кога муштериите влегувале во меаната гласно нарачувале „Љубо, вино“.

Друга верзија за името спрема народните преданија, Љубојно своето име го добило од зборот љубов. Поточно, многу оддамна се вљубиле момче и девојка од соседните населби, но поради недобри соседски односи на жителите од населбите, младите не смееле да се земат. Меѓутоа, тие сепак одлучиле да се земат и да побегнат. Се доселиле во близината на реката и останале среќно да живеат. Подоцна, во близината на местото на вљубените се доселиле други семејства и, поради тоа, местото го нарекле Љубојно.

Цркви

  • Манастирската црква Свети Петар и Павле - се наоѓа на 1.5 километри источно од селото. Изградена е во 1923 година. Има убава камбанарија и е прекрасен видиковец. До црквата води земјен пат.
  • Свети Јован - селска црква изградена во 1861 година, по опожарувањето во 1903 година обновена е во 1921 година. Црквата е трокорабна со полигонална апсида (седумстрана). Во олтарниот простор има ѕидно сликарство кое датира од 1928 година.
  • Свети Атанасие -  се наоѓа на околу 1 километар источно од селото. Подигната е во 1623 година, а обновена во 1968. во олтарот има сочуван фреско-живопис.
  • Света Богородица - западно од селото, мала по димензии и со скромна архитектура.
  • Света Марена - се наоѓа на западниот крај на селото, претставува мала и неугледна градба во маалото на Шерденковци. Култот на Света Марена е многу раширен во делот на Преспа кој денес се наоѓа во границите на Албанија. Во Љубојно го почитува фамилијата Шерденковци.
  • Света Богородица (Пречиста) - мала еднокорабна градба со полукружна апсида изградена врз постар објект од кој е зачуван олтарен фреско-живопис од седумнаесеттиот век.
  • Свети Никола -  мала градба со полукружна апсида, која најверојатно е изградена во XIV век, бидејќи се споменува како подарок на манастирот Трескавец во повелба на царот Душан од 1337 година
  • Свети Димитрија -  се наоѓа на околу 1 километар западно од селото, има мала градба 
  • Свети Илија - се наоѓа источно од селото на патот кој води кон с. Брајчино, се претпоставува дека е изградена во деветнаесеттиот век, а подоцна е обновена. Нема живопис,а фреските се од понов датум.

Археолошки локалитети

Куѓишта - населба од римско време;

Рудина - населба од римско време;

Кула -населба со некропола од доцноантичко време;

Граишта - некропола од римско време;

Присој - населба од римско време;

Св. Димитрија - црква и некропола од среден век;