Настани / Редовни настани во Љубојно - Илинден

Редовни настани во Љубојно - Илинден

02-08-2020

Овој празник во Љубојно се прославува како верски празник и како современа манифестација од циклусот на „иселенички средби“. Прославата започнува на 1. август со културни манифестации од типот на промоции на книги и монографии за селотофолклорни групи дефилираат низ село и музика. Наутро на 2. август, жителите на селото одат во црквата Свети Илија каде палат свеќи, а подоцна во текот на денот сите куќи во селото се отворени за гости кои доаѓаат на „визита“. Селото е едно од опожарените места во Преспа за време на Илинденското востание, настан кој се одбележува со полагање на свежо цвеќе на спомен-плочите на загинатите во Илинденското востание и во Втората светска војна.

Вечерта на 2 август на селската Полена (средсело) се организира голема народна веселба, на која гостуваат културно уметнички друштва, врвни македонски фолк и поп-ѕвезди. Овој дел од прославата е најмасовен и според Љубанци се собираат помеѓу две и три илјади посетители. Локалната НВО за развој на туризмот организира и продажба на промотивен материјал од Љубојно (престилки, капчиња...) се продаваат и слатки и домашни бели печива на посебно поставени штандови. За Љубанци, Илинден е „најголемиот ден“ во годината и сите масовно се трудат да бидат присутни во селото, без разлика каде живеат во светот.