Велосипедизам / Тур де Галичица

Тур де Галичица

Можеби најпозната велосипедска тура во Преспанскиот регион е “Тур де Галичица„ (Tour de Galicica), рекреативна тура која се организира еднаш годишно, во текот на месец јуни. Турата ги води учесниците низ некои од најубавите предели во Преспа и Националниот Парк Галичица. Детали: Тур де Галичица е долга 71 km.Има вкупна денивелација  од 1930 m.  Првата половина од оваа тура е асфалт, додека втората половина е земја. Старт точка е центарот на Ресен (885 м.н.в.). Оттука се оди кон Стење, се искачува кон Галичица каде се отвораат прекрасни видици на Преспа и Преспанското езеро  и се свртува кон поранешните ски стази (1508 м.н.в.). Тука завршува асфалтот и се  продолжува по земја  низ карстните полиња “Суво Поле”, “Асан џура” и “Џафа”. На м.в Асан Џура, кое претставува половина од патеката, се прави 30 мин. пауза.  Пределот на овие места е претежно рамен и одличен за возење низ шаренолики ливади збогатени со  јата пеперутки. Се продолжува кон Исток, каде се вози по мали угорници и удолници кои наизменично се менуваат. На одредени кратки секвенци потребно е туркање. При излез од НП Галичица на место викано Црвен камен почнува спуст кој е долг околу 12 km. На едно место со должина од 70 m наклонот надминува 10%, па за помалку искусните велосипедисти најбезбедно е да ги туркаат велосипедите. Се поминува покрај манастир св Јован, се продолжува надолу и се излегува на асфалт блиску до с. Болно на патниот правец Ресен- Болно. Последните 5 км се возат по асфалт до почетната точка во Ресен. Тур де Галичица бара добра подготвеност и претходно искуство по оф роад патеки. Задолжително е носење кацига и исправен велосипед. Единствената лоша страна е дефицитот на вода за пиење која би можела да се надополни за време на возењето, па потребно е да се носат најмалку 2l вода.