Патека 2 : Маловишта – Св. Ана – Сливнички Манастир
Со пешачењето започнувате од средишниот дел на селото Маловишта, до каде што води асфалтен локален пат поврзан преку селото Кажани со магистралниот пат Битола – Ресен.
Правецот на движење по кој што продолжувате е исток – запад, низ централната калдрмисана улица во селото. За околу 5 – 10 минувате кај црквата Св. Петка, најзначајниот културен споменик со кој што располага оваа населба.
Во продолжение на патеката, за брзо време ги напуштате и последните куќи од селото и продолжувате кон манастирот Св. Ана. Патот продолжува по мостот преку кој го преминувате потокот.
Пешачењето кон манастирот се одвива по добро видлива планинска патека опкружена со густа букова шума. Од тие причини конаците на манастирот ќе ги забалежите дури кога ќе пристигнете непосредно до нив. Во зависност на брзината на пешачењето оваа делница се поминува во времетраење од 40 минути до околу 1 час.
За да отидете во црквата на манастирот ќе треба да продолжите со движењето кон запад за уште околу 500 метри, сметано од конаците. Престојот во овој комплекс е посебно пријатен во летниот период кога имате можност да се разладите со бистрата и ладна вода од главната манастирска чешма.
Од манастирот Св. Ана патот продолжува повторно низ букова шума и низ прилично стрмна нагорнина се искачува кон сртот на планината и кон месноста која меѓу локалното население е позната под топонимот Кодро. Тоа е една широка и долга непошумена, но затревена површина која се протега по сртот на планината. Од манастирот Св. Ана до месноста Кодро нема при пешачењето да пројде повеќе од еден час.
Од оваа локација, пред да се префрлите на преспанскиот дел од планината постои можност да посетите уште една црква од околината на Маловишта. Тоа е храмот посветен на празникот Вознесение Христово или Спасовден кој се наоѓа на висина од 2000 метри.
До него се стигнува кога од месноста Кодро ќе се упатите по маркираната патека која преку сртот наречен Чун, води кон север и кој со трасата поставена нешто под сртот на планината за околу еден час ќе ве однесе до црквата.
Од оваа доминантна местоположба, можете по мошне стрмна патека да се спуштите назад во селото Маловишта за околу 1,5 час, или, повторно по сртот на планината и локалитетот Кодро да се префрлите во преспанскиот дел уживајќи притоа во прекрасните пејзажи на Преспанските езера.
Набргу навлегувате по шумскиот пат, преку кој движењето од Кодро кон Сливничкиот манастир продолжува кон југ. За цело време кое би требало да трае околу 3 часа, пешачењето се одвива низ предели обраснати со шума, а само наместа се отвораат помали ледини обраснати со папрат.
Слично како и пред манастирот СВ. Ана и овде градбите ќе ги здогледате дури кога ќе се доближете непосредно до нив. Во одминатите времиња манастирот имал неколку порти низ кои влегувале верниците во зависност од кој дел од планината доаѓале. Тие го носеле и името според познатите села Курбиново, Маловишта и Сливница. На источниот дел од манастирот постоела портата на маловиштаните, како своевидно сведоштво за долгата традиција која ја има токму оваа патека преку планината.
Присуството во Сливничкиот манастир е пожелно да се искористи и за посета на црквата Св. Ѓорѓи наде селото Курбиново, најзначајниот сочуван културен споменик во регионот.
До црквата Св. Ѓорѓи (1072 м.н.в.) можеме да се спуштиме и по шумскиот пат кој доаѓа од Кодро, па потоа повторно да се искачите кон Сливничкиот манастир, или пак обратно, од Сливничкиот манастир (1300 м.н.в.) за околу еден час да се спуштите до црквата Св. Ѓорѓи над Курбиново.