Туристички-локации / Плажа Отешево
Плажа Отешево
Отешево е и првата туристичка населба што во Преспа е изградена по Втората светска војна. Ова пријатно катче за одмор и рекреација е оддалечено околу петнаесетина километри од Ресен. Тоа се наоѓа на јужната страна на Преспанското Езеро, а е сместено во подножјето на живописната планината Галичица, која го дели од Охридското Езеро.
Во минатото, овој значаен регион на Преспа беше составен од многу вили и хотели кои се протегаа покрај езерскиот брег, скриени во дабовата шума. Во аналите на туризмот на Македонија е запишано дека Отешево некогаш беше втор туристички центар, после Охрид, кога во Преспа имаше над 7.000 легла. Пред 30-тина години, Отешево беше еден од најубавите туристички ресорти во Македонија, составен од десетина хотелски комплекси, ресторани, спортски игралишта, автокамп, здравствена установа, ресторани на плажа и водни атракции. Сега во функција е Хотелот Лејк вју (Lake view) и автокампот. Потенцијалот на Отешево е огромен, но за него се потребни големи инвестиции во инфраструктура, реновирање на сместувачките капацитети и расчистување со имотно правни односи.


