Туристички-локации / Плажа Коњско
Плажа Коњско
Во близина на Стење се наоѓа малото село Коњско, последно од македонска страна. Од Коњско за многу кратко време со чамец може да се стаса до островот Голем Град. Коњско е лоцирано во близина на заливот „Лиса“, сместено на тромеѓето на македонската земја. Покрај селските куќи, кои се руинирани, има и колиби од ендемично дрво, а има викенд населба со околу четириесетина изградени викенд куќи. Селото Коњско на секој посетител му ги нуди своите благодети, убавата клима, езеро поволно за капење и риболов, убава песочна плажа, питома и убава околина погодна за прошетки. Со еден збор Стење и Преспа ја нудат својата убавина и питомина.
Во минатото жителите на селото Коњско биле познати рибари, мајстори за фаќање на преспанскиот крап, а ја подготвувале и најситната риба викана белвица, која има уште две имиња; „нивичка“ по селото Нивици во Долна Преспа и „циронка“, кога е во сушена форма.

