Туристички-локации / Евла
Евла
Селото Евла сместено е на западниот дел на Преспанската Котлина во подножјето на планината Галичица. Од Ресен е оддалечено на пет километри, а со градот е поврзано со асвалтен пат. Населбата е распространета на рамничарски простор на надморска височина од 925 метри. Атерот на населбата зафаќа површина од 26,1 km2.
За време на турско – османлиското владеење во Преспа, власта одлучила во селото Евла да биде седиштето на нивниот бег. Тој задоволен од условите за живот, одлучил за себе и своето семејство да изгради голема куќа – кула со високи чардаци сместена на влезот од селото.
Според бројни историски податоци, евидентно е дека селото Евла е стара населба. Исто така интересни се и податоците кои зборуваат за најтешкиот период од животот на населението. Имено, за време на Илинденското востание во 1903 год., една вооружена чета од селото Евла, активно учествувала во борбата против турската војска. Од тие причини по неуспехот на востанието, во знак на одмазда селото било целосно изгорено. Населението за да се заштити од репресалиите се повлекло на запад во густата шума на планината Галичица.
По повлекувањето на Отоманската империја од Балканот, преживеаното население, раководено од чувството за слободен живот на својот простор, се организирало и за кус период населбата била обновена. Така, прекинатата функција на животот во селото Евла, повторно се повратила.
Цркви
- Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ - главната селска црква;
- Црква „Вознесение Христово“ - пештерна манастирска црква;
Археолошки локалитети
Исток - црква од среден век;
Св. Спас - црква од среден век;
Кале - населба од среден век;
Ливадица - осамен наод од доцноантичко време;

