Флора / Воден костен

Воден костен

Водниот костен (Trapa natans) е единствен претставник на родот Trapa и фамилијата Trapaceae во Р.С. Македонија (монокотиледони, Liliopsida). Тоа е едногодишно водно тревесто растение со неразгрането стебло, долго 20÷200 [cm]. Подводните листови се пересто насечени или се во форма на конци, додека листовите кои пловат по површината на водата (флотантни листови) се ромбични по форма, со назабени рабови, собрани во розета и со долги лисни дршки кои во средината се меуресто надуени. Во пазувите на флотантните листови на куса и дебела дршка препокриена со влакненца се развиваат поединечни белузникави или жолтеникаво-белузникави цветови. Плодот е костелка со 4 задрвенети роговидни израстоци, во која се формираат 1 до 2 семки. Водниот костен се среќава во застоени води, мочуришта и езера во поголем дел од Европа и Азија. Во другите делови од светот се смета за внесен (алохтон) и инвазивен вид. И покрај тоа што овој вид е широко распространет во Европа, неговата популација бележи опаѓање, најчесто поради исушување на мочуриштата. Од тие причини, во Европа ова растение е заштитено со Бернската Конвенција. Во Р.С. Македонија ова било регистрирано во Дојранско и Преспанско Езеро, Битола – покрај Црна река, кај село Скочивир, Моноспитовско и Катлановско Блато. Во ПП Езерани Trapa natans се среќава во состав на заедницата од воден илјадалисник и воден божур (Myriophyllo-Nupharetum). Оваа заедница порано била регистрирана во крајбрежјето на Преспанско Езеро, под селото Долно Перово. Водниот костен е наведен во Прилог I од Бернската Конвенција.