Surirella prespanensis
Дијатомејската алга Surirella prespanensis е претставник од родот Surirella кој вклучува над 500 видови и таксони од пониска категорија кои живеат на дното (бентос) во различни водни живеалишта ширум светот. Во Преспанското Езеро се забележани околу 20 видови од овој род, вклучително и Surirella prespanensis кој претставува нов вид за науката, опишан во 2015 година. Се работи за едноклеточно микроскопско растение (0,070÷0,115 [mm] во должина и 0,037÷0,072 [mm] во ширина) обвиено со клеточен ѕид од силициум (хидриран силициум диоксид) кој на клетката и дава типично билателарно симетрична (сплосната) форма. Од другите видови во родот оваа дијатомејска алга се одвојува по повеќе елементи од морфологијата на клеточниот ѕид. Видот засега е познат само за Преспанското Езеро (локален ендемичен вид).