Флора / Воденичарче

Воденичарче

Воденичарчето (Aldrovanda vesiculosa) е инсектојадно (инсективорно) водно растение и единствен претставник од родот Aldrovanda од фамилијата Droseraceae (дикотиледони, Magnoliophyta). Во фосилните наоди ширум светот се идентификувани и до 19 видови од овој род. Тоа е повеќегодишно тревесто растение без корења (долго 10÷20 [cm] ) кое лебди под самата површина на водата или на самата површина. Едниот крај од стебленцето постојано расте, додека другиот изумира. Листовите обично се распоредени во пршлени, во групи од 6÷9, по целата должина на стебленцето. Лисната плоча има комплексна градба која функционира како стапица која брзо се затвора при надразнување, заробувајќи мали водни без`рбетници, кои потоа се забрзано се разградуваат и апсорбираат благодарение на активноста на посебни жлезди на листовите. Воденичарчето е едно од малкуте растенија кои се способни за брзи движења – затворањето на стапицата се случува за 10÷20 милисекунди. Ова растение поседува мали бели цветови кои се отвораат над водната површина, само за неколку часови, после што се повлекуваат под вода каде продолжува развојот на плодот и семето. Во умерените климатски региони размножувањето сепак се одвива најчесто вегетативно. Воденичарчето се распространува со помош на водните птици, така што плодот се прикачува за нивните нозе. Од таа причина најголем дел од локациите на кои е забележано ова растение се наоѓаат вдолж миграторните коридори на птиците. Воденичарчето е најшироко распространето инсектојадно растение кое се развива во природни услови во Европа, Азија, Африка и Австралија. Во минатото ова растение било регистрирано на 379 локалитети, во 124 региони и 43 држави на четирите континенти, но во последниот век бројот на локации на кои ова растение се уште вирее е намален на само 50. Во Европа ова растение денес се среќава во Бугарија, Грција, Унгарија, Литванија, Полска, Романија, Русија (во областите Санкт Петербург и Липетск), Србија и Украина. Во Р.С. Македонија воденичарчето единствено било забележано во ПП Езерани, кај селото Долно Перово, каде образувала посебна растителна заедница со водната леќа (Lemna minor). Во последните две децении не беа забележани примероци од ова растение на овој локалитет. Сепак, присуството на воденичарчето во ПП Езерани е потврдено во 2016 година. Воденичарчето е наведено во прилозите II и IV од Директивата за живеалишта и Прилог I од Бернската Конвенција, а во Р.С. Македонија има статус на заштитен вид.