Флора / Salvinia natans

Salvinia natans

Водната папрат Salvinia natans е единствен претставник на родот Salvinia и фамилијата Salviniaceae во Р.С. Македонија. Тоа е едногодишно пловечко растение со тенко неразгрането или разгрането стебло. Листовите се распоредени во прешлен по 3. Двата странични листови се овални по форма и пливаат по површината на водата. Нивната горна страна е брадавичеста, а долната е покриена со мали влакненца кои заробуваат меурчиња со воздух што им овозможува да пловат по површината на водата. Третиот лист е потопен во вода, а неговата лисна плоча е насечена на кончести делови долги до 7 cm и врши функција на корен. Листовите на оваа водена папрат може да ја покријат целата површина на отворена вода со што спречуваат продирање на светлината во подлабоките слоеви од водното тело. На тој начин е оневозможен развојот на други водни растенија со што се намалува компетицијата. Од друга страна, на тие места многу видови риби наоѓаат засолниште или се мрестат. Salvinia natans ги населува стоечките слатки води ширум светот, а природно се среќава во Африка, Азија, централна Европа и Јужна Америка. Во поголем дел од централна и источна Европа нејзините популации се во опаѓање од непознати причини, а на одделни локалитети се смета за исчезнато. Од тие причини, Salvinia natans е наведена во Прилог I од Бернската Конвенција. Во Р.С. Македонија овој вид е регистриран по полиња со ориз, канали и блата во Пелагонија, Штипско, Кочанско, Гевгелиско, Моноспитовско Блато, Катлановско Блато и на други места, како и во крајбрежниот регион на Дојранско, Охридско и Преспанско Езеро. Во ПП Езерани ова растение се среќава во состав на заедницата на водната леќа со воденичарче (Lemno-Spirodelletum polyrhizae subass. aldrovandetosum). Во 2008 година единствено наоѓалиште на оваа заедница било забележано кај селото Долно Перово, а мали фрагменти од заедницата се регистрирани и во најдолниот тек на Голема Река, пред нејзиниот влив во  Преспанското Езеро.