Фауна / Ждрепка

Ждрепка

Ждрепката (Elaphe quatuorlineata) е влекач кој припаѓа кон фамилијата смокови (Colubridae), од редот змии (Serpentes). Ждрепката е најголема меѓу змиите во Европа нараснувајќи до 2[m], а понекогаш и до 2,5 [m]. Во споредба со другите големи смокови се одликува со поробустен изглед. Основната боја на телото е кафеава до кафеавожолта со по еден пар на темни линии по двете страни. Младите единки имаат темни петна. Бројот на редови од лушпи на средината на телото се движи од 23 до 27. Ждрепката е активна дење на копно и вешта е во искачување, но и во пливање. Се храни со мали цицачи, гуштери, водоземци, птици и јајца, а младите единки се хранат со инсекти. Женката полага 3÷18 јајца кои се излегуваат по два месеци. Кога е нападната го издигнува предниот дел и шишти. Не е отровна, но доколку се допира може да касне. Ждрепката е медитерански и суб-медитерански вид. Се среќава во централна и јужна Италија и на Балканот до 2.500 [m] надморска висина. Ги населува сите типови живеалишта, вклучително и урбани средини и блата, но преферира топли и влажни места со растителна покривка. Сепак, ждрепката не е чест вид, а нејзините популации се фрагментирани и покажуваат значајно опаѓање во бројноста. Во ПП Езерани е регистрирана на суви тревести терени. Ждрепката се наведува во прилозите II и IV од Директивата за живеалишта и во Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на заштитен див вид.