Голема бела чапја
Големата бела чапја (Casmerodius albus) припаѓа кон фамилијата чапји (Ardeidae). Оваа птица порано била класифицирана во други родови од истата фамилија и во литературата може да се сретне и под имињата Egretta alba и Ardea alba. Тоа е голема чапја (85÷100 [cm] во должина; распон на крилја од 145÷170 [cm]), со долги нозе и врат. Клунот вообичаено е жолт по целата должина, освен во периодот на размножување, кога врвот или речиси целиот клун поцрнува. Се храни со риби и водни без`рбетници на влажни ливади и покрај реките, но понекогаш и на нешто посуви места.
Се работи за птица која гнезди во колонии во големи плитки и мочурливи езера, пред се во трска измешана со ниски грмушки и дрвја. Големата бела чапја се покажува како прилагодлива птица и има голем опсег на распространување кој се проширува. Во ПП Езерани и на Преспанското Езеро е доста честа птица која се среќава преку целата година, но нема податоци за присуството и број на гнездови парови. Оваа птица се наведува во Прилог I од Директивата за птици и во Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на строго заштитен вид.
Во Езерани се среќава и малата бела чапја (Egretta garzeta) која припаѓа кон истата фамилија, но е значително помала (55÷65 [cm] во должина; распон на крилја од 88÷106 [cm]). Кај малата бела чапја впечатливи се тенките, елегантни и црни нозе кои се во контраст со светло-жолто обоените прсти. Во ПП Езерани и на Преспанското Езеро е доста честа птица преку целата година. Правната заштита на оваа оваа птица е иста како и кај Големата бела чапја. Во ПП Езерани преку целата година може да се сретне и сивата чапја (Ardea cinerea). Слична е по големина со големата бела чапја, но грбот и крилата и се сиво обоени, а на предната страна од вратот се забележуваат две црни надолжни линии. Сивата чапја се наведува во Прилог III од Бернската Конвенција.
Casmerodius albus Egretta garzeta Ardea cinerea
Од другите претставници видови чапји во Езерани се среќава и ноќната чапја (Nycticorax nycticorax), а поретко и жолтата (гривеста) чапја (Ardeola ralloides) и црвената (пурпурна) чапја (Ardea purpurea).