Фауна / Голем бакарец

Голем бакарец

Пеперутката голем бакарец (Lycaena dispar) припаѓа кон фамилијата сини и бакарести пеперутки (Lycaenidae, класа Insecta). Во Европа се среќаваат три подвидови: Lycaena dispar dispar – кој се среќава само во Англија; Lycaena dispar batavus – кој се среќава само во Холандија; и Lycaena dispar rutilus – кој се среќава во преостанатиот дел од Европа, вклучително и Р.С. Македонија. Оваа дневна пеперутка има распон на крилјата од 44÷48 [mm] кај мажјаците и 46÷52 [mm] кај женките. Епитетот на видот (dispar) се однесува на разликата (диспаритетот) во морфологијата помеѓу женките и мажјаците. Кај мажјаците основната боја на горната страна на крилата е бакарна, со мали темни петна, додека кај женките на горната страна од предните крилја се забележуваат петна со специфична форма и сосем поинакви од тие на задните крилја, најчесто со темнокафеава, а поретко и бакарна боја. Женката ги полага јајцата на горната страна од листот од видовите од родот Rumex, во група од 1÷4. Гасениците презимуваат и созреваат кон крајот на април или во мај. Првата генерација на пеперутки лета од мај до јули, додека втората од средината на јули до почетокот на септември. Во случај на многу топли лета, се појавува и трета генерација пеперутки која лета од септември до октомври. Големиот бакарец бара добри врменски услови за летање, додворување, парење и полагање јајца. Мажјаците воспоставуваат свои територии во рамките на кои ги пресретнуваат сите животни кои летаат низ неа. Големиот бакарец населува различни влажни живеалишта, како блата, влажни ливади, крајбрежни зони и канали во централна и источна Европа и Азија. Во Европа се среќава на неколку локалитети во Франција и Италија, потоа на Балтикот, низ Балканот (до планината Олимп во Грција), Црноморскиот регион и делови од северозападна Турција. Покрај ПП Езерани, овој вид во Р.С. Македонија е регистриран и во Националниот Парк Галичица, во Моноспитовско Блато, околу Дојранско Езеро и на неколку други локалитети. Големиот бакарец е заштитен со Директивата за живеалишта (Прилог II и IV), а во Р.С. Македонија има статус на строго заштитен див вид.