Цркви / Успение на Св. Богородица – с. Долно Дупени
Успение на Св. Богородица – с. Долно Дупени
Црквата Успение на Св. Богородица се наоѓа над денешното село Долно Дупени, во просторот кој помеѓу мештаните е познат како Горно Село. До светилиштето се доаѓа со пешачење по земјениот шумски пат, во времетраење од околу 30 – 40 минути, почнувајќи од денешната местоположба на селото.
Црквата посветена на св. Богородица, како храмова слава го чествува 28 август, денот на Успението на св. Богородица. Изградена е на почетокот на 20 век и претставува пример за црковното градителство, сликарство и дрвена резба од периодот пред речиси сто години. Резбаниот инвентар, според сочуваните натписи, е дело на браќата Нестор и Лазар Алексиеви од с. Осој – Дебарско. Работите ги завршиле во текот на 1908 и 1909 год. Од присутните мотиви на резбаната декорацијата, доминира флоралната стилизирана орнаментика.
Сликаните икони на иконостасот се исто така работени во 1909 година и се дела на браќата Крсте и Коста Николови од с. Лазарополе. Нивни се и големите икони сместени на ѕидовите, јужно и северно од иконостасот, како и иконите на Исус Христос и евангелистите на певницата.
Во црквата се наоѓаат и неколку постари икони, кои зборуваат за постарата историја на овој храм.

