Цркви / Св. Петар и Павле – Љубојно

Св. Петар и Павле – Љубојно

Интересно архитектонско остварување, претставува црквата посветена на христовите првоапостоли св. Петар и Павле. Комплексот со храмот, чешмата и камбанаријата е лоциран во пошумениот дел од планината на едно мало плато над селото Љубојно. Од селото до црквата може да се пристигне со пешачење по земјениот шумски пат за околу 30 минути. Оваа локација најпосетена е на денот на прославувањето на празникот св. Петар и Павле, кога покрај локалното население, тука доаѓаат верниците од поширокиот регион на Преспа како и бројните иселеници низ дијаспората. Главното светилиште според натписот во медаљонот на западната фасада е завршено во 1923 година. Фасадите на западната, јушната и северната страна се декорирани во духот на архитектурата која се негувала во периодот помеѓу двете светски војни. Јужно од црквата, во непосредна близина се наоѓа чешмата, која според натписот е изградена истовремено со храмот. Од северната страна, практично на влезот во комплексот се издигнува камбанаријата, со дрвени скалила, од каде се овозможува прекрасна глетка кон селото Љубојно и Преспанското езеро.