Цркви / Св. Илија – Грнчари

Св. Илија – Грнчари

Од селото Грнчари за да се посети познатиот манастир Св. Илија, се оди кон исток, кон падините на планината Баба. Земјениот пат може да се помине со теренско возило или со пешачење . Со испешачени 3 км. по  умерена угорнина, до светилиштето се пристига за околу 40 минути. Комплексот на манастирот го сочинуваат црквата, новите конаци, манастирската трпезарија, фурната, камбанаријата и чешмата со светата лековита вода. Манастирот најмасовно е посетен за време на црковната слава, вечерта на 1 и во претпладневните часови на 2 август, кога доаѓаат верници од поширокиот регион. Црквата Св. Илија, претставува мала еднокорабна градба со тространа апсида на источната страна. Во внатрешноста на црквата има живопис од два периода. Првиот, постар живопис, временски се совпаѓа со градењето на црквата. За него, науката претпоставува дека потекнува од првата половина од XIII век. Од овој фрескопис сочуван е фрагмент од композицијата “Успение Богородичино” и композицијата “Преображение Христово”. Од наредната фаза се фреските од поствизантискиот период, со повеќе натписи на старословенски јазик.