Цркви / Манастир Св. Петка – Брајчино

Манастир Св. Петка – Брајчино

Манастирот Св. Петка се наоѓа околу 500 метри источно од селото Брајчино, на ливадеста висорамнина под планината Баба. Комплексот го сочинуваат црквата Св. Петка, конаците и чешмата со света вода.

Точната година на изградба не е позната, но се претпоставува дека манастирот е подигнат во 15 век. Натписот над западниот влез, кој најверојатно ја содржел годината, е оштетен. Црквата е еднокорабна, скромна по димензии, а живописот со натписи на грчки јазик е работен во две фази, во 16 и во 18 век.

Манастирот изгорел во 1902 година и подолго време бил запуштен. Конаците се изградени во 1910 година врз остатоците на стариот конак. Жителите на селото започнале со обновата во 1978 година, а главното обновување започнало во 1995 година. Денес конаците се уредени како хостел со околу 20 легла, кујна и трпезарии, отворени за посетители и планинари.

Веднаш до црквата е изворот со света вода. Тој е сув речиси цела година и протекува само на 7 и 8 август, за празникот на манастирот. Тогаш доаѓаат многу верници, особено жени кои се надеваат на пород.