Цркви / Свети Ѓорѓи – Курбиново

Свети Ѓорѓи – Курбиново

Црквата Св. Ѓорѓи е главна и единствена црква на Курбиновскиот манастир, сместена над селото Курбиново, во пазувите на планината Баба, со прекрасен поглед кон Преспанското Езеро. Според натписот над олтарот, изградена е во 1191 година, за време на владеењето на византискиот цар Исак II Ангел, а живописувањето започнало на 25 април истата година.

Со должина од 17 метри и ширина од 7 метри, ова е најголемата еднокорабна црква во Македонија. Однадвор е скромна, градена главно од камен, но внатре чува еден од најзначајните фрескоансамбли од 12 век. Живописот, дело на тројца непознати зографи, е речиси целосно сочуван. Се одликува со издолжени, подвижни фигури и сложени, речиси прозрачни драперии, кои ѝ даваат барокна раскош на внатрешноста.

Најпозната е фреската на Архангел Гаврил од сцената Благовештение на источниот ѕид, „Ангелот од Курбиново“, кој е прикажан на задната страна на банкнотата од 50 денари. Во олтарниот простор се насликани и Богородица со архангелите Михаил и Гаврил, како и светите Кирил и Методиј.

Црквата е заштитен споменик на културата, а од 2020 година е на Прелиминарната листа на УНЕСКО. Помеѓу 2022 и 2025 година фреските се конзервирани со поддршка на Грција. До црквата води тесен асфалтен пат од околу 3 км од селото. Пред посетата, распрашајте се во селото за клучот.