Планинарење и пешачење / Патека 1: Грнчари – Курбиново – Сливница – Брајчино – Љубојно – Долно Дупени

Патека 1: Грнчари – Курбиново – Сливница – Брајчино – Љубојно – Долно Дупени

Западните масиви на планината Пелистер, во своето спуштање кон брегот на Преспанското езеро, постепено, од коси нескротливи стрмнини, преминуваат во благи речиси рамничарски конфигурации, кои скоро во хоризонтална линија се изедначуваат со нивото на водите од езерото. Овој живописен појас, широк од 1 до 2 километри има должина од приближно 25 км. Започнува кај селото Подмочани и се движи покрај целиот источен брег на Големото Преспанско езеро. Сите 14 селски населби кои денес егзистираат на трасата се нанижани со регионалниот пат Р-505, Макази – Маркова нога, а до Макази се пристигнува по магистралниот пат М-5, Битола – Ресен. Низ повеќето од овие села или во нивната непосредна близина сочувани се бројни археолошки локалитети и материјални остатоци од најстарите периоди на човечката историја до најнови времиња. Од старите споменици процентуално се најбројни црковните градби. Некои од православните храмови според своето значење и уметничките дострели веќе се вклучени во редот на највредните досигнувања на старата уметност во Р. Македонија и пошироко. Пешачката патека која што ја нудиме е концентрирана токму на посетата на тие споменици. Патувањето низ предложените дестинации можеме да го организираме со возило или истото да го реализираме со рекреативно пешачење. Тоа е возможно, бидејќи по меѓусебното растојание од 4-5 км на теренот постојат маркирани планински патеки поставени паралелно со асфалтниот регионален пат. Во тој случај, многу подолго и непосредно ќе уживаме во она што го нуди овој прекрасен пејзаж, оформен во комбинација меѓу планинскиот предел и езерската површина. Со пешачење започнуваме од селото Грнчари, од каде по широкиот земјен планински пат, за околу четриесет минути се искачуваме до манастирот Св. Илија. Од манастирскиот комплекс, по патеката, покрај селото Рајца продолжуваме кон селото Курбиново. Нашата наредна дестинација ќе биде црквата Св. Ѓорѓи од 1191 година, на околу 2 км над самото село. Од Св. Ѓорѓи, се искачуваме кон манастирот Раѓање на Св. Богородица или Сливничкиот манастир, при што совладуваме висинска разлика од околу 200 метри. За оние кои сакаат ова патување да го поделат во два дена, овде е идеална можноста за подолг престој и ноќевање. Со продолжувањето на нашето патување кон југ, практично навлегуваме во Долна Преспа. Следна дестинација е селото Арвати лоцирано непосредно над селото Крани. Во селото се сочувани повеќе цркви, но сите се од понов датум. Во духот на нашето патување предлагаме посета на локацијата со лековита вода наречена Ратоец, која подеднакво е почитувана од христијанските и муслиманските верници. Од Арвати патот не води низ напуштената локација на Старо Штрбово и оттаму продолжуваме кон Брајчино. Пристигнувајќи во селото Брајчино се упатуваме кон манастирот Св. Петка, во непосредна близина на селото. Во продолжение низ пошумениот предел се спуштаме кон црквата Св. Петар и Павле над с. Љубојно. При крајот на ова патување на крајниот југ, ги посетуваме црквите Св. Богородица и Св. Атанасиј за најпосле да пристигнеме во селото Долно Дупени.