Жолт мукач
Жолтиот мукач (Bombina variegata) припаѓа кон фамилијата на огнени жаби (Bombinatoridae), од редот на безопашести водоземци (Anura). Жолтиот мукач нараснува до 5 [cm], а телото е покриено со брадавици (туберкули). Се одликува со жолто или портокалово обоен стомак прошаран со големи црни петна. Зеницата на окото е со триаголна или срцевидна форма. Жолтиот мукач најчесто се храни со копнени членконоги, но и со водни инвертебрати. Во зависност од надморската висина периодот на презимување започнува во септември или на почетокот на октомври и трае до март или мај. Репродукцијата започнува 5÷10 дена после навлегување во вода и трае се до август. Јајцата ги положува во групи од 50÷100 или повеќе.
Видот Bombina variegata се среќава во централна и јужна Европа (со исклучок на Иберискиот полуостров), а на исток до Карпатите во Украина, додека пак подвидот Bombina variegata scabra е балкански ендемит. Групи од жолтиот мукач обично се среќаваат во плитки, најчесто повремени води кои се изложени на сонце. Во ПП Езерани оваа жаба се среќава покрај езерото и во повремените бари и локви. Жолтиот мукач се наведува во прилозите II и IV од Директивата за живеалишта и во Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на заштитен див вид.