Сончарка
Етимологија
Lepomis, на Грчки значи „лушпесто жабрено капаче“, а gibbosus значи широки рабови. Сончарката е особено позната по својата форма на семка од тиква, поради што во поголемиот дел од светот таа се нарекува „тиквина семка“.
Опис
Сончарката е инвазивен вид од семејството Centrarchidae. Во Преспа за прв пат е воведена во 1995-1996 година. Должината типично се движи од 15-20, а поретко до 25 cm. Тежината и е помала од 0,45 kg (најмногу 0,64). Единките од овој вид се портокалови, жолти или сини, со пеги преку страните и грбот и жолто портокалови гради и стомак. Најзначајна карактеристика е обојувањето на ктеноидните лушпи, кое може да биде од маслинесто - зелено или кафеаво, до светло портокалово и сино. Страните се покриени со вертикални линии (ленти) кои се бледо зелени или сини. Портокаловите точки може да ги покриваат дорзалната, аналната и опашната перка, а образите имаат сини линии. Црната жабрена покривка по рабовите има портокалово - црвени точки. Градните перки може да се килибарни или чисти, додека боцките од грбната перка се црни. Единките имаат мала уста со горна усна која завршува веднаш под окото.
Биологија
Сончарката типично живее во топли, мирни езера, бари, мирни зони во мали потоци и реки со обилна вегетација. Преферира чиста вода каде што може да најде засолниште. Видот обично се движи во близина на брегот, а со поголема бројност се среќава во плитки и подрачја заштитени од ветер. Единките се активни за време на денот, а во текот на ноќта се одмараат во близина на дното, на засолнети или покриени површини (пр. со корења и потопени дрвја). Се хранат низ целиот воден столб (од површината до дното), во текот на денот, а најтежок за исхрана им е пладневниот период. Омилена храна им се инсектите, ларвите од комарци, ситните мекотели и други ракчиња, црвите, млади од шлунци, па дури и поситни сончарки. Повремено се исхрануваат и со ситни парчиња од растенија. Имаат терминална уста која се отвора на предниот крај на рилката. Сончарките кои живеат во води со крупни гастроподи имаат големи усти и здружени мускули, со чија помош можат да ги здробат нивните черупки. Таков е примерот на сончарката која живее во Преспанските Езера. Штом тепературата на водата достигне 12-180C, во доцна пролет или рано лето, мажјаците почнуваат да ги градат своите легла. Вообичаено леглата се среќаваат во плитки води на песочни или каменести дна. Мажјаците ги користат своите опашни перки за правење на овие овални легла, кои должински се два пати поголеми од самите индивидуи. Тие ги отстрануваат остатоците од растителен и друг отпад, или крупните камења од леглата со помош на устата. Леглата се уредуваат во колонии кои се состојат од околу 3-15 легла. Мажјаците се енергични и агресивни и ги бранат своите легла со ширење на својот оперкулум (жабрено капаче). Женките пристигнуваат од длабоките води во време кога леглата се веќе направени. Мажјаците го испуштаат својот млеч, а женките икрата. Женките може да се мрестат во повеќе од едно легло, а едно исто легло може да го користат повеќе женки. Исто така, повеќе женки може истовремено да се мрестат со ист мажјак во едно легло. Женките, во зависност од нивната големина и старост, можат да положат 1 500 до 1 700 икри. Штом се исфрлат, икрите се залепуваат за камен, песок или угинати растителни делови во леглото и се изведуваат за само три
дена. Женките ги напуштаат леглата веднаш по мрестот, а мажјаците остануваат да го чуваат подмладокот околу 11 дена, а доколку подмладокот се одалечи од леглото, тие го враќаат назад чувајки го во своите усти.
Распространување
Широкораспространет вид
Значајност за рибарството
Ниско, се смета за штетник
Влијание
Инвазивен вид
Управување
Селективен – мелиоративен риболов