Сом
Опис
Сомот се среќава во широки области на Централна, Јужна и Источна Европа, како и во близина на Балтичкото и Каспиското Море. Ова е слатководен вид риба која може да се сретне и во малку солени води; на неговото тело отсуствуваат лушпи, а препознатлив е по широката плосната глава и широката уста. Сомот живее најмалку 30 години, а има и добар слух. Од другите слатководни риби во Европа се разликува по следните карактеристики: има два пара на долги мустаќи, анална перка со 83-91½ зраци, големо тело, вертикално сплескана глава, дорзалната перка со 2-4½ зраци, опашната перка заоблена или скратена, отсуствува масна перка, аналните зраци скоро се допираат со опашните. Опашната перка има 17 зраци. Има многу лизгава зелено – кафеава кожа. Неговиот стомак е бледо жолт или бел. Бојата се менува со промена на водната средина. Во чиста вода се среќаваат риби со црно обојување, додека во матни води тие се кафеавкасти. Тежината и должината не се линеарно зависни и се менуваат сезонски.
Биологија
Овој вид риба населува големи и средно големи низински реки, застоени води и езера со богата вегетација. Иако главно се среќава во големи езера и реки, понекогаш навлегува и во засолените води на Балтичкото и Црното Море. Женката произведува до 30 000 икри по килограм телесна тежина. Мажјакот го чува леглото сé додека не се изведе подмладокот. Во зависност од температурата овој процес може да трае од три до десет дена. Доколку нивото на водата се намали премногу, или за многу кратко време, мажјакот ги заплискува икрите со опашот со цел тие да останат влажни. Со должина која може да достигне до 3 m и максимална тежина од 150 kg, сомот е најголемата слатководна риба во регионот. Вообичаено должината се движи од 1,3-1,6 m, а примероци подолги од 2 m се екстремно ретки. Примероците со должина од 1,5 m достигнуваат тежина од 15-20 kg, додека примероците од 2,2 m може да достигнат тежина од 65 kg. Се храни со црви, ракчиња, гастроподи, инсекти и риби, вклучувајќи и други помали единки на сом. Поголемите единки исто така се хранат и со жаби, глувци, зајаци и водни птици, како што се патките. Првата полова зрелост ја достигнува на 2-3 годишна возраст.
Распространетост
Европа и Азија. Се среќава во сливовите на Северно, Балтичко, Црно, Касписко и Аралско Море, а на север до југот на Шведска и Финска; го има во сливот на Егејското Море, во Марица и од Струма до сливот на Сперхиос; Турција. Отсуствува во остатокот на Медитеранскиот слив. Денес во голема мера е воведен и пренесен насекаде низ Европа и во сливот на езерото Балхаш во Казахстан. Во некои земји забележани се негативни еколошки влијанија од неговото воведување. Во Преспанското Езеро е воведен во 1986 година.
Значајност за рибарството
Иако претставува вид со висока комерцијална вредност, сепак, во Преспанските Езера има мала популација, па затоа е помалку значаен за риболов.