Речна чигра
Речната чигра или вртимушка (Sterna hirundo) припаѓа кон фамилијата вртимушки (Sternidae). Телото на оваа птица е бледо сиво, клунот е црвен со црн врв, нозете се портокалово обоени, додека на главата се истакнува црно обоено капче. Долго е од 34 до 37 [cm], а распонот на крилјата се движи од 70 до 80 [cm]. Се гнезди во мали вдлабнатини на песок или сува земја, каде положува 2÷4 јајца во периодот од мај до јуни. Се исхранува со риба и водни безрбетници.
Речната чигра гнезди во поголемиот дел од Европа, Азија и Северна Америка, освен во најсеверните и најјужните делови од континентите. Единките од Европа презимуваат долж брегот на Африка и Арапскиот Полуостров. Во ПП Езерани се среќава од почетокот на април до крајот на август, а редовно гнезди во ПП Езерани. Во 1993 година во рибникот покрај селото Асамати била забележана колонија од околу 30 гнездови парови. Покрај речната чигра, во ПП Езерани е регистрирана и малата чигра (мала вртимушка, Sternula albifrons), која е помала (должина на телото од 21÷25 [cm], распон на крилјата од 41÷47 [cm]), има бело петно на челото и жолт клун. Нема податоци за присуство на гнездови парови од малата чигра во ПП Езерани. Речната чигра се наведува во Прилог I од Директивата за птици и Прилог II од Бернската Конвенција.