Фауна / Преспански грунец

Преспански грунец

Етимологија Името на родот Rutilus потекнува од латинскиот збор Rutilus што значи црвен, црвеникав, a се однесува на црвената до портокалова обоеност на очите и перките. Латинското име prespensis го опишува подрачјето каде што овој вид живее.   Опис Станува збор за ендемичен вид на зракоперна риба од фамилијата на крапови –Cyprinidae. Има издолжено тело со големи лушпи. Од другите видови од родот Rutilus кои се среќаваат на Балканскиот Полуостров се разликува по следните карактеристики: има 38-42 + 3 лушпи по должината на латералната линија; дорзалната перка има 9½, а аналната перка има 8½ разгранети зраци; дијаметарот на очите е 4-5% SL, 19-22% HL и 1.7-1.9 пати во интерорбитално растојание; перките се стаклесто сиви, а врвовите на аналната и стомачните перки жолтеникави; муцката е заоблена, а аголот помеѓу усната цепнатина и хоризонталата е скоро 15-250; долниот профил на главата е благо заоблен на долниот виличен зглоб. Максималната големина достигнува 170 mm.   Распространување Европа: во сливот на Преспанските Езера. Станува збор за езерски вид кој се среќава долж езерското крајбрежје и во плитки мочуришни подрачја.   Биологија Мажјаците достигнуваат полова зрелост околу втората, а најчесто во третата година, додека кај женките тоа се случува една година подоцна. Еднинките од овој вид се мрестат во периодот на месеците мај – јуни, вообичаено кога температурата достигнува 16-180C. Икрите се лепат за супстратот. Развојот на ембрионот во икрите се одвива околу една недела. Овој вид е добро адаптиран на флуктуациите на водното ниво и промените на температурата. Тој претставува омниворен вид, односно се храни и со растителна и со животинска храна.   Значајност за рибарството Голема значајност за стопански и рекреативен риболов.   Закани Потенцијални закани за овој вид се црпењето на вода, сушата, загадувањето и воведените видови кои може да влијаат врз целото езеро. Преспанскиот грунец покрај белвицата е втор по важност плен на кадроглавиот пеликан (Pelеcanus crispus), големиот корморан (Phalacrocorax carbo) и други видови на птици кои се хранат со риба.   Мерки за зачувување Строго ограничени квоти на излов.