Фауна / Пиор

Пиор

Етимологија Името Phoxinus е од латинско потекло.   Опис И овој вид на зракоперни риби е припадник на семејството на крапови – Cyprinidae. Се разликува од другите видови од родот Phoxinus во Европа по следните карактеристики: има латерална линија која најчесто ја надминува основата на аналната перка; длабочината на опашното стебло е 2.6-3.1 пати поголема од неговата должина; групи од градните лушпи се одделени со површини на кои отсуствуваат лушпи или (ретко) се предно поврзани со 1-2 реда на лушпи; аналната перка започнува да се протега од пред основата на последниот дорзален (грбен) зрак. Опашната перка има 19 зраци. Максималната должина достигнува 140 mm.   Распространување Се среќава од делови на Северна Италија, продолжувајќи кон југо – исток преку цела Далмација, завршувајќи со сливното подрачје на Реката Дрим кое ги опфаќа Скадарското, Охридското и Преспанските Езера. Пиорот живее во широк опсег на ладни води богати со кислород (од мали брзи текови, до големи реки, а исто така и од мали висински езера до големи олиготрофни езера). Вообичаено се среќава во води богати со пастрмковидни риби.   Биологија Пиорот се мрести во периодот април – јуни на температури над 100C, а некои единки и наесен. Видот се мрести во јата, а женките ги положуваат лепливите икри длабоко во чистото чакалесто дно. Мрестот се одвива на места со чисто чакалесто дно и проточни води, или на самиот брег во зоната на дејство на брановите. Презимува на покрупен супстрат или во длабоки делови на застоена вода со слаби струења. За мрестење мигрира возводно во плитки ситно чакалести површини. Во текот на мрестот телото станува живописно обоено (добива зелени линии под грбот и црвено обоен стомак). Се храни со алги, изумрени делови од растенија (во реките), мекотели, ракчиња и инсекти.   Значајност за рибарството Не е посебно значаен вид.   Закани Потенцијална закана за видот претставува црпењето на вода, сушата, загадувањето и алохтоните видови.   Мерки за зачувување Не се потребни. Видот има стабилни популации.