Фауна / Мал корморан

Мал корморан

Малиот корморан (Microcarbo pygmaeus) припаѓа кон фамилијата корморани (Phalacrocoracidae). Се работи за релативно мала птица со многу долга опашка и пропорционално краток и дебел клун. Главата е заоблена, а вратот е дебел и на изглед краток (се издолжува при пливање). Должината на телото изнесува 45÷55 [cm], а распонот на крилјата се движи од 75 до 90 [cm]. Има црнкава боја со темнозелен и метален сјај, а главата и вратот се кафеави. На зиме вратот е светол, додека кафеавата боја на главата е помалку интензивна. Полово зрелите возрасни единки имаат мали бели петна на главата, вратот и долните делови од телото кои исчезнуваат во текот на летото. Полово незрелите возрасни единки имаат белузливи образи и посветли кафеавкасти гради. Младите птици имаат посветли бои од  долната страна на телото. Малиот корморан се среќава во појаси со трска, во преодната зона помеѓу појаси со трска и отворена вода, влажни ливади, а во зима и покрај морски блата, по реки и езера. Оваа птица се гнезди во колонии при што повеќе бара врбови дрвја, но може да користи и пловечки острови од вегетација во појасот на трската. Се гнезди во југоисточна Европа, Русија, Иран, Казахстан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан. Презимува главно во Македонија, Албанија, Грција, Турција, Кипар, Ирак, Иран, Азербејџан, Израел, Бугарија, Романија и Сирија. Во 2006 година овој вид Европа броел од 28 000 до 39 000 гнездови парови што претставува значително зголемување од 1996 година кога се избројани 13 000 гнездови парови. Малиот корморан е присутен во ПП Езерани во текот на целата година. Се претпоставува дека овој вид гнезди во ПП Езерани, но за тоа не постојат прецизни и потврдени податоци. Малиот корморан се наведува во Прилог I од Директивата за птици и во Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на строго заштитен див вид.