Leucorrhinia pectoralis
Самовилското коњче Leucorrhinia pectoralis припаѓа кон фамилијата Libellulidae (класа Insecta). Додека родот Leucorrhinia во Европа е претставен со 5 видови, во Р.С. Македонија е регистриран само видот Leucorrhinia pectoralis – најголемото вилинско коњче во родот. Се одликува со темно обоено тело и бело чело. Должината на телото варира од 32 до 39 [mm] во, додека максималниот распон на крилјата изнесува 66 [mm]. Кај младите машки и женски единки стомакот е прошаран со интензивно жолти петна кои се протегаат по целата должина на сегментот. Кај машките единки петната потемнуваат во фазата на полово зреење, а со стареењето добиваат црвенокафеава боја, со исклучок на петното на 7-от стомачен сегмент кое останува жарко жолто до портокалово. Оваа одлика најдобро ја издвојува Leucorrhinia pectoralis од другите видови во родот. Развојот на ларвите се случува во вода од каде после 2÷3 годни се развиваат во возрасни единки кои летаат од почетокот на мај до јули.
Leucorrhinia pectoralis се среќава од западна Европа до западен Сибир (најисточната популација досега е констатирана во Новосибирск и планината Алтаи во Русија). На југ територијата на овој вид се протега преку планината Кавказ до југозападна Азија. Мал број на популации се регистрирани и во западна Турција. Населува тресетишта, мочуришта, бари и други мали водни живеалишта во кои нема риба, а вегетацијата е бујна. Во Р.С. Македонија се среќава само во Преспа и тоа во ПП Езерани и Стењско Блато (во границите на Национален парк Галичица). Се наведува во прилозите II и IV од Директивата за живеалишта и Прилог II од Бернската Конвенција.