Фауна / Карас

Карас

Опис Сребрениот карас припаѓа на семејството крапови – Cyprinidae. Тој е воведен во Преспанското Езеро во седумдесетите години на минатиот век. Првично се мислеше дека станува збор за подвид на златната рипка (Carassius auratus auratus), или нејзина дива форма, но денес тој се смета како посебен вид. Поради тоа, овој вид може да се сретне под научното име Carassius auratus gibelio (поради врската со златната рипка), или како Carassius gibeliо (согласно неговиот моментален статус на посебен вид). Карасот има високо и задебелено исполнето тело, а неговата форма многу потсетува на формата на златниот карас (Carassius carassius) и на крапот (Cyprinus carpio). Неговите страни и стомакот се бледо жолти или сребреникави, спротивно од златно – жолтата боја на истите делови кај златниот карас. Овие два вида исто така се разликуваат и по обликот на нивните перки: каудалната (опашната) перка кај златниот карас е права, додека кај сребрениот карас е вилушкеста. Перките од внатрешната страна на златниот карас се црвеникави, додека кај сребрениот карас се побледи во обојувањето. Крајните единечни анални и дорзални зраци се силно назабени, има 37-52 жабрени лаци, а страничната линија е со 29-33 лушпи; слободните краеви од грбната перка се вдлабнати или исправени, а аналната перка е со 5½ разгранети зраци. Кај златниот карас мембраната која ја обвиткува стомачната празнина (перитонеумот) е бледо обоена, додека кај сребрениот караш таа е целосно црна. Карашот може да расте до големина од 20-25 cm и да достигне тежина од околу 250 gr за пет години. Видот достигнува максимална големина од 45 cm, а во поволни услови може да достигне тежина од 2-3 kg. За разлика од крапот Cyprinus carpio, овој вид нема мустаќи.   Биологија Карасот е риба која преферира топли води, а најдобро опстојува во плитки лагуни и речни устија, плитки бари и езера и бавни реки со тињесто дно. Живее на места со густа вегетација, а главно се храни со бентосни форми. Расте многу брзо, се размножува ефикасно, стапувајќи во компетиција со природните видови за храна и простор. Во некои делови од Централна Европа има големо влијание врз другите природни и комерцијално значајни видови на риба. Видот е способен да се размножува преку гиногенеза, процес кој овозможува продукција само на нови женски единки. Млечот од машките единки е потребен да иницира развој на икри, но кога се формира ембрионот, хромозомите од машките единки се исклучуваат. Потомството кое се создава е копија на женката. Овој вид исто така може да толерира и релативно ниски концентрации на растворен кислород.   Распространување Географското потекло ја опфаќа Азија/ југо-источна Азија (Кина, Тајван, Кореа, реката Колима и сливот на реката Амур). Природниот ареал на распространување ги опфаќа подрачјата на Западен Сибир преку Европа, вклучувајќи го ПонтоКаспискиот регион (Црно Море и Касписко Езеро) и големи делови од Југоисточна Европа. Според некои извештаи дивата форма на карасот е воведена во Германија од Азија во XVI и XVII век.   Значајност за рибарството Има одредена важност за комерцијалниот, но поголема за рекреативниот риболов. Постои можност за селективен мелиоративен риболов.   Закани по човекот Се смета за штетник на другите риби.   Влијание Интерференција со мрестот на природните ципринидни видови.   Управување Селективен / мелиоративен риболов.