Фауна / Јагула

Јагула

Етимологија Името Anguilla произлегува од зборот за јагула (англиски: eel) во многу од јазиците кои имаат латинска основа (модерен шпански: anguille; италијански: anguilla; португалски: enguia) и латинскиот збор anguis, сите со исто значење -змијолика.   Опис Јагулата припаѓа на фамилијата Anguillidae. Телото и е издолжено и змијовидно, покриено со голем број на мали лушпи коишто почнуваат да се формираат за време на третата година од животот во слатките води. Кожата е лигава, а лушпите се слабо забележливи. Дорзалната боја е темно кафеава до маслинесто зелено – кафеава. Бојата на телото се менува кон бела и сребренесто синкаво – сива кога почнува да мигрира кон морето. Главата е рамна на темето, устата е благо поставена нагоре, релативно е голема, а на краевите има неколку редици на тенки остри заби. Има голема перка со повеќе од 500 меки зраци која ја следи формата на телото. Женките достигнуваат големина од 1330 mm.   Распространување Се среќава во сите реки во Европа кои се вливаат во Средоземното, Северното и Балтичко Море, како и во Јужниот Атлантик, па сé до Канарските острови. Ретко влегува во Белото и Баренцово Море. Мал број на единки влегуваат во Црно Море, мигрирајќи источно кон сливот на реката Кубан. Повремено индивидуи пристигнуваат и до сливот на Волга преку канали. Се лови во многу копнени води. Голем дел од популациите останува во морињата (северозападен Атлантик и Средоземно Море). Пред изградбата на хидроцентралите на реката Дрим, јагулата имаше отворени миграторни патишта. По изградбата на браните, Охридското Езеро и акумулациите Глобочица и Шпилје, редовно се порибуваат, со цел да се заштити нејзината популација. Преспанските Езера официјално никогаш не биле порибени со јагула.   Биологија Јагулите живеат во слатки, а се мрестат во морски води, поради што патуваат на огромна одалеченост поминувајќи низ значајни анатомски, морфолошки и физиолошки промени. Мрестењето се одвива во периодот од почетокот на март, па сé до јули во Саргасовото Море (западен суптропски Атлантик на околу 260N0W), на длабочина од 100-200 m и температура од околу 200C. Возрасните единки умираат по мрестењето. Ларвите кои излегуваат од икрите имаат должина од околу 5 mm. Како лептоцефали (првиот ларвен стадиум на јагулата), носени од Голфската и северно – атланските струи, тие стигнуваат до континенталниот нагиб, достигнувајќи должина од околу 65 – 70 mm. Потоа метаморфозираат во т.н „стаклени“ јагули кои што влегуваат во делтите на реките. Во моментот кога влегуваат во слатките води бојата на телото им се менува, пигментацијата се зголемува за време на возводната миграција, а јувенилните форми тогаш се нарекуваат јагулчиња. Во оваа фаза тие достигнуваат должина од 16-18 cm. Во слатките води јагулите може да останат 5-14 години (машките) и 7-18 години (женските). Низводната миграција (кон морињата) започнува доцна на лето, или на есен, а адултните единки пристигнуваат на мрестилиштата наредната пролет.   Значајност за рибарството Мало. Има многу мала популација.   Закани Потенцијална закана за видот претставува црпењето на вода, сушата, загадувањето и алохтоните видови. Високата содржина на масти присутна кај овој вид, како и исхраната од езерското дно, ја прават многу осетлива на биоакумулација на загадувачки материи (пр. тешки метали и органски загадувачи), кои можат да предизвикаат оштетување на внатрешните органи.   Мерки за зачувување Можно порибување.