Фауна / Гамбузија, Гупа

Гамбузија, Гупа

Опис Станува збор за внесен (туѓ) вид кој припаѓа на фамилијата Poecilidae. Тоа е агресивена живородна риба која потекнува од јужните делови на САД. Воведуван е насекаде во светот заради заштита од комарци. На грбот е зеленикаво – маслинесто, до кафеаво обоена; страните се сиви со синкаст сјај, додека стомакот е сребреникаво – бел. Женките над аналниот отвор имаат јасна црна дамка опкружена со златна. Мажјаците имаат силно модифицирана анална перка чиишто трет, четврт и петти зрак се издолжени и задебелени, формирајќи т.н. гоноподиум кој се користи за оплодување на женката. Со должина од 60 mm женските единки се поголеми од машките, чијашто максимална должина достигнува 35 mm.   Биологија Видот живее веднаш под водната површина, ловејќи го пленот над или веднаш под површината. Се размножува во период помеѓу средината на пролетта и средината на есента (април – октомври), со кулминација во летото. Женките може да имаат до девет породи по сезона на парење, при што раѓаат 5-100 рипчиња. Иако овој вид може да толерира голем опсег на еколошки услови, сепак вообичаено ги одбегнува брзите водни струи, природно променливите потоци и реки и местата со густа површинска вегетација, бидејќи таа претставува бариера за исхраната од водната површина.   Распространетост Gambusia holbrooki  преферира топли, бавно течечки или мирни води и се појавува помеѓу водната вегетација на длабочини од 10 cm или помалку. Може да се сретне во речни делти, езера, нарушени водни текови и мочуришта. Тој е природен вид за Југоисточниот дел на САД, каде што се среќава во многу езера, вклучувајќи ги и оние источно од реката Мисисипи. Воведен е во тропските и суптропските држави по светот. Се среќава во Јужна Европа, а во Преспанските Езера е воведен во првата половина на XX век.   Значајност за рибарството Нема значајност.   Влијание Видот негативно влијае врз популациите на природните видови риби, водоземци и без‘рбетници.   Мерки Уште од 1982 година Светската здравствена организација (СЗО) не ја препорачува употребата на Gambusia за контрола на маларијата, упатувајќи на тоа истата да не се воведува во нови средини. Како мерка за контрола на овој вид се препорачува селективен или мелиоративен риболов.