Фауна / Црн кожувар

Црн кожувар

Црниот кожувар (Aythya nyroca) припаѓа кон фамилијата на лебеди, гуски и патки (Anatidae). Се работи за средно мала водна птица со релативно кратко тело (долго 38÷42 [cm], распон на крилја од 67÷75 [cm]), со долг врат и клун и карактеристично издадено чело и издигнато теме. Во лет се истакнува широката, чисто бела лента која се протега од основата па сѐ до врвот на крилото. Кај возрасните полово зрели мажјаци целото перје има темнокостенлива боја –  најтемна на грбот а најсветла по страните,  освен делот под опашката (клоакален регион) и стомакот кои се бели. Околу вратот се забележува тесна, црно обоена лента, а окото е бело. Кај возрасните полово зрели женки перјето е темно кафеаво со црвени нијанси на главата. Делот под опашката е бел, додека окото е темно. Обојувањето на перјето кај младите е слично на тоа од возрасните женки, но боите се позгаснати, додека очите се темни. Црниот кожувар се гнезди во еуторфни езера и мочуришта во кои има доволно големи површини со отворена вода (подлабока од 1 [m]). Оваа птица главно се гнезди во југозападна Азија, централна и источна Европа и северна Африка. Територијата на која презимува се поклопува со територијата на која гнезди, но ги опфаќа и Средниот Исток, североисточна и западна Африка и југоисточна Азија. Популацијата во источна Европа се проценува на околу 36 000 до 54 000 птици. Во последните 150 години територијата на која се среќава оваа птица значително флуктуирала, но вкупно бележи опаѓање, особено во Европа. Во Р.С. Македонија црниот кожувар е ретка гнездилка во Дојранското, Охридското и Преспанското Езеро, а во поголем број успешно гнезди по поголемите рибници. Во ПП Езерани се забележани неколку гнездови парови. Во ПП Езерани се среќаваат уште два вида од родот Aythya: црвеноглавиот кожувар (Aythya ferina) и цуцулестиот кожувар (Aythya fuligula). Во текот на зимата во ПП Езерани поголем број птици од овие два вида долетуваат од север да презимат, но поединечни парови биле забележани како гнездат во поранешните рибници. Црниот кожувар се наведува во Прилог I од Директивата за птици и во Прилог III од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на заштитен див вид. Aythya nyroca, Aythya fuligula, Aythya ferina