Блатна желка
Блатната желка (Emys orbicularis) припаѓа кон фамилијата блатни желки (Emydidae). Од четирите вида од родот Emys, покрај овој вид во Европа се среќава и сицилијанската блатна желка (Emys trinacris). Блатната желка е мала до средно голема желка со должина до 30 [cm], со мазен, темен оклоп со жолти дамки или црти. Слично, горната површина на кожата е темно обоена со жолти дамки. Има релативно долга опашка и кожичка помеѓу прстите што помага во пливањето. Се исхранува со жаби, риби, црви, мекотели или други мали животни кои ги лови во вода или на копно. Се пари рано на пролет, а јајцата ги закопува на брегот од водното живеалиште. Инкубацијата на јајцата трае од 65 до 100 дена, во зависност од температурата. Женките достигнуваат полова зрелост на 14 до 18 години, а мажјаците на возраст од 6 до 12 години. Блатната желка презимува (хибернира) во вода, а поретко и на земја.
Блатната желка е распространета во поголемиот дел од Европа, западна Азија и северна Африка. Обично ги населува стоечки и слабо проточни води, обраснати со водна вегетација, како на пример езера, бари, реки, канали, блата, мочуришта и ендеци. Во ПП Езерани се среќава покрај брегот на Преспанско Езеро и во повремените локви. Овој вид се наведува во Прилог II од Директивата за живеалишта и во Прилог II од Бернската Конвенција, додека во Р.С. Македонија има статус на заштитен див вид.