Балканска кртица
Балканската кртица (Talpa stankovici) припаѓа кон фамилијата кртици (Talpidae), од редот ровчици и кртици (Soricomorpha). Родот Talpa во Европа е претставен со 6 вида, а во рамките на овој вид се издвоени два подвида: Talpa stankovici stankovici и Talpa stankovici montenegrina. Балканската кртица е мал цицач прилагоден за живот под земја. Има цилиндрично тело, кадифено крзно, многу мали уши и очи (слепо животно), кратки и слабо развиени задни нозе и силни предни нозе со големи канџи прилагодени за копање тунели. Од другите видови во родот се одвојува по детали во градбата на костурот и забите. Овој вид е распространет во западен Балкан, западно од реката Вардар, Шар Планина и Улцињ на север, додека на југ допира до планината Олимп (Грција), како и островот Крф. Се среќава од нивото на морето до надморска висина од 2300 [m] на отворени живеалишта, песочни плажи, пасишта и обработливо земјиште. Големината на популацијата на овој вид е непозната, но се смета дека е витална и стабилна.