Цркви / Пештерен храм Св. Петар и Павле – с. Коњско

Пештерен храм Св. Петар и Павле – с. Коњско

Пештерната црква Св. Петар и Павле се наоѓа во пазувите на Пречна Планина, околу 1,5 км јужно од селото Коњско, на западниот брег на Преспанското Езеро. Храмот е сместен во природен пештерен отвор во карпите. Поради повлекувањето на нивото на езерото, денес се наоѓа на околу 20 метри висина и пристапот до него е многу тежок.

Пештерата се состои од два дела: преден, кој служел како место за молитва, и внатрешен, кој служел како монашко живеалиште. Живописот потекнува од крајот на 14 век. Сочувани се ликовите на Исус Христос и на светите апостоли Петар и Павле, како и на неколку маченици чии имиња не се познати.

Името на зографот не е познато, но тој добро ја познавал и ликовната и теолошката содржина на она што го сликал. Се смета дека ги следел постапките на работилницата која ги насликала црквите Св. Богородица Заумска (1361) и Св. Ѓорѓи на Ридот во Костур. Поради невообичаената иконографска програма, црквата е предмет на научни истражувања.

Коњско е најблиското село до островот Голем Град, па посетата може да се поврзе со излет со чамец. Поради тешкиот пристап, до пештерата одете само со локален водич.